„Линк медиа плус“ и „Метал ват –ел“ рекордери по јавни набавки за новогодишното украсување

December 6, 2019

|

Language:Albanian

„Линк медиа плус“ и „Метал ват –ел“ рекордери по јавни набавки за новогодишното украсување

Нова Година е несомнено еден од најголемите празници, кој се слави низ целиот свет. Украсувањето на градовите, локалите и куќите се неодминлива работа, која со годините стана традиција. Новогодишната елка, осветлување и Дедо Мраз се главните симболи, но не и единствените, кои ги гледаме на секој градски плоштад во тек на месец декември. Студентите на Академијата на Демокраси лаб, направија преглед на трошоците за новогодишно украсување во периодот од 2016 – 2019 година за општините Струга, Тетово, Град Скопје, Радовиш, Куманово, Ресен, Битола и Карпош. Карактеристично е дека Град Скопје има највисоки износи за украсувањето, додека од анализа за останатите општини, две компании – „Линк медиа плус“ и „Метал ват – ел“ најчесто добивале јавни набавки.

Град Скопје четири години по ред го украсува „Линк медиа плус“

Пишуваат:Рита Сила и Ардит Рамадани

Карактеристично за Град Скопје во периодот 2016-2019 година, е дека трошоците за украсување за новогодишните празници постојано растат, додека компанијата која ги добивала набавките, останува иста. За новогодишно украсување во 2019 година, 17.852,000 денари граѓански пари Градот Скопје исплатил на жиро сметката на компанијата „Линк медиа плус“, со седиште во Скопје. Оваа компанија која го добила тендерот, немала ниту ниту еден конкурент, и на јавната набавка има само една понуда, таа на „Линк медиа плус“. Ништо помалку е платено за украсувањето во 2018 година, со јавната набавка во висина од 15.989,999 денари, додека во 2017 година, Градот за новогодишнo украсување издвоил 11.999,999. Карактеристично за 2019 година е дека за прв пат на компанијата Линк медиа плус се појави уште една компанија чија понуда, не беше прифатена од Град Скопје. Со тоа, компанијата „Линк медиа плус“ останува во игра, и последователно го добивала тендерот. За новогодишното украсување во 2016 година Град Скопје потрошил вкупно 12.000,600 денари.

Преглед на трошоци за новогодишно украсување на Град Скопје по години: 2019: 17.852,000,00 денари. 2018: 15.989,000,00 денари. 2017: 11,999,999,38 денари. 2016: 12,000,600,00 денари.

Освен милионските тендери за украсување на неколку градови во Македонија за новогодишните празници, компанијата „Линк медиа плус“ позната и по повеќе други услуги кои се бараат од општините, колку што може да се утврди од електронскиот систем за јавни набавки. Неодамна, оваа компанија добила тендери за засадување на жардиниери, обработка на материјали за Нова Година, потоа, обработка на контролни бандероли, набавка на спортска опрема и друго. Базирајќи се на електронскиот систем на јавни набавки, може да се види дека оваа компанија во 2013 година добила тендер од Министерството за земјоделство за обработка на контролни маркици-етикети. Од Општина Карпош има добиено тендер за набавка на спортска опрема. Од истата општина, истата година, има добиено тендер за менување и хортикултурно уредување на двете страни на булеварот „Партизански одреди“ (пролетно и есенско засадување 2013). Истата година, истата компанија има склучено договор со МВР за набавка на униформи. Компанијата во системот за електронски набавки може да се најде и во многу други тендери од разни профили.

Преглед низ факти: Скопје Година: 2019 година Предмет на договорот: новогодишна декорација Изведувач: Друштво за производство, трговија и услуги „Линк медиа плус“ дооел увоз-извоз Скопје Вредност на договорот: 17.582.000,00 ден. Број на примени понуди: 1 Скопје Година: 2018 година Предмет на договорот: новогодишна декорација Изведувач: Друштво за производство, трговија и услуги „Линк медиа плус“ дооел увоз-извоз Скопје Вредност на договорот: 15.989.000,00 ден. Број на примени понуди: 1 Скопје Година: 2017 година Предмет на договорот: новогодишна декорација Изведувач: Друштво за производство, трговија и услуги „Линк медиа плус“ дооел увоз-извоз Скопје Вредност на договорот: 11.999,999,38 ден. Број на примени понуди: 2 Скопје Година: 2016 година Предмет на договорот: новогодишна декорација Изведувач: Друштво за производство, трговија и услуги „Линк медиа плус“ дооел увоз-извоз Скопје Вредност на договорот: 12.000.600,00ден. Број на примени понуди: 1

Општина Карпош за четири години потрошила повеќе од 172.000 евра за новогодишно украсување

Пишуваат: Маја Терзиова и Дора Ајдини

Општина Карпош за периодот од четири години (2016, 2017, 2018 и 2019 година) од општинскиот буџет за новогодишно украсување потрошила нешто повеќе од 172.000 евра или 10.661.678 денари. Околу две третини од овие средства или 6.249.917 денари се потрошени во една година за јавната набавка што ја добила компанијата „Линк Медиа плус“ во 2016 година, во време кога со општината раководеше Стевчо Јакимовски. Со промената на власта, опаѓа и вредноста на набавките за новогодишно украсување, при што во 2017 година се потрошени два милиони денари, во 2018 година 411.761 денари, додека во 2019 година се потрошени два милиони денари. Новогодишните трошоци низ годините Договорот од 2016 година, вклучува новогодишно украсување на јавни површини и огномет, кој е склучен со компанијата „Линк Медиа плус“ на 14.10.2016 година и изнесува 6.249.917 денари. „Линк Медиа“ е на пазарот околу 10 години, која е водечка компанија за украсување на отворени и затворени простори. Договорот од 2017 година, склучен на 22.11.2017 година е во времетраење од три месеци и изнесува два милиони денари со компанијата „Метал Електрик Миодраг“ ДООЕЛ од Скопје, застапувано од Миодраг Милошевиќ. Компанијата се занимава со градежни работи, изведување на патишта, автопати, градежни завршни обработки и архитектонски услуги. Во договорот пишува дека висината на трошоците на Општина Карпош, вклучува трошоци околу поставување на новогодишни елки, светлосни мрежи, светлосни топки, светлосни фигури, сијалички, светлосни коцки и фонтани. Договорот од 2018 година е склучен на 21.12.2018 година, со компанијата „Метал ват –ел“ од Скопје, застапувано од Манка Мангарова и изнесува 411.761.00 денари. Компанијата се занимава со сервисирање на моторни пумпи, трговија со материјали на машински и производствени погони и новогодишно украсување и промотивни материјали за настани. Во договорот од 2019 година, за украсувањето се потрошени два милиони денари од буџетот на Општината, кој е склучен со компанијата „Метал ват –ел“, исто како и во 2017 и 2018 година. Оваа година новогодишно украсување добија платото на „Млечен“ во УЗ „Владо Тасевски“, платото „Коцка“ во Карпош 3, плоштадот „Делфина“ во Влае 2, плоштадот во Бардовци, кружниот тек кај гимназијата „Георги Димитров“, плоштадот во Тафталиџе 2 и паркот спроти Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Според досега достапните податоци за склучени одговори на ЕСЈН, од фирмите кои украсуваат во пресрет на 2020 година, скопската фирма „Линк Медиа“ е на прво место по вредност на договорот. Оваа компанија за два договори, со Град Скопје и со Општина Струмица, ќе добие над 300 илјади евра, додека 11 договори во вредност од 185 илјади евра има фирмата „Метал ват –ел“ од Скопје за 2019 година. Компанијата „Линк Медиа“ во 2017 година склучила пет тендери ,вклучувајки ги :Град Скопје, Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Струмица.За нив добила договори вредни над половина милион евра. Аплицирањето за тендер трае од 10 до 20 декември, а потоа следува законски рок за објавување на електронска аукција, за доставување на известувањето за донесената одлука како и период на мирување на постапката додека помине рокот за евентуални жалби.

Во изминатите пет години, „Линк медиа плус“ четири пати го украсувала Радовиш

Пишуваат Љубица Иванова и Арта Ќерими

Во системот за електронски јавни набавки (ЕСЈН), податоци за склучени договори за Новогодишно украсување во Радовиш има за 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година. Вкупната вредност на склучените договори за овие години изнесува 6.575.196 денари односно околу 106.913 евра. Како носители на набавката за 2015, 2016, 2017 и 2019 година се јавува фирмата „Линк медиа плус“ ДООЕЛ – Скопје, а за 2018 година била ангажирана фирмата „МЕТАЛ-ВАТ-ЕЛ“ ДООЕЛ – Скопје. Во 2015 година на е-аукцијата имало две понуди, за услугата изнајмување, монтажа и демонтажа на декоративна опрема за новогодишно и божиќно украсување, склучен е договор со „Линк медиа плус“, вредноста на склучениот договор е 1.029.668 денари со вклучен ДДВ. Подетални информации за тендерот не постојат, ниту пак има прикачено документ со технички спецификации. Во 2016 година, предметот на договорот за јавна набавка е: Монтажа и демонтажа на изнајмена декоративна опрема за новогодишно и божиќно украсување за 2017 година во Општина Радовиш. Носителот на набавката се обврзува да го испорача предметот на договорот на следниот начин- да ја монтира декоративната опрема која е во негова сопственост или е земена под закуп на негов трошок најдоцна до 10.12.2016 година и да изврши нејзина демонтажа на утврдените локации во се според спецификацијата во Општина Радовиш веднаш после 15.01.2017 година. Времетраење на договорот е за период од еден месец. Добиена е само една понуда, а вредност на склучениот договор со фирмата „Линк медиа плус“, со вклучен ДДВ од 1.475.000 денари. Нема прикачено документ со технички спецификации. Во 2017 година за монтажа и демонтажа на изнајмена декоративна опрема за Новогодишно и Божиќно украсување за 2018 година во Општина Радовиш за период од еден месец, добиена е една понуда. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 1.404.436 денари, повторно со фирмата „Линк медиа плус“. Во документот со технички спецификации даден е детален опис, количина и цени за услугата. Во 2018 година за новогодишно и божиќно украсување за 2019 година, дадена е една понуда и склучен договор со фирмата Метал ват – ел ДООЕЛ од Скопје во вредност од 1.179.292 денари со вклучен ДДВ. Во документот со технички спецификации даден е детален опис, количина и цени за услугата. Во 2019 година повторно е склучен договор со „Линк медиа плус“, а вредноста на договорот изнесува 1.486.800 денари со вклучен ДДВ. Во описот се наведени: Музички инструменти, спортски реквизити, игри, играчки, занаетчиски предмети, уметнички материјали и додатоци; Електрични машини, апарати, опрема и потрошен материјал; осветлување; Мебел (вклучувајќи канцелариски мебел), покуќнина, домашни уреди (со исклучок на осветлување) и производи за чистење; Пиротехнички услуги Времетраење на договорот е во период од два месеци, а добиени биле три понуди. Највисока добиена понуда: 1.271.043 денари, а најниска добиена понуда изнесува 275.000 денари. Критериум за доделување на договор е најниската цена. Општината склучува договор во износ ос 1.260.000 денари, без вклучен ДДВ. Во документот со технички спецификации даден е детален опис, количина и цени за услугата.

Куманово новогодишно „светка“ за 20 илјади евра

Пишуваат: Ивана Настеска и Албрие Џемаили

Општина Куманово за новогодишното украсување за дочекот на 2020 година, потрошила околу 23 илјади евра (1.412.430 денари), според проценетата вредност на тендерот. Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ којшто го спровел тендерот сè уште нема доставено до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) податок за вредноста на склучениот договор. Најчесто, повеќето од општините или јавните претпријатија кои го спровеле тендерот за новогодишно украсување, финалните податоци на ЕСЈН ги објавуваат до крајот на месец јануари. Покрај градскиот плоштад, во Куманово, вообичаено се украсуваат и централните улици „Гоце Делчев“, „11 Октомври“, булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска револуција Трошоците минимално се намалуваат во последните години За украсувањето за дочекот на 2019 година, Општина Куманово издвоила речиси иста сума од околу 23 илјади евра или 1.416.000 денари. Според склучените договори за изминатите години, поточно за новогодишно украсување за 2016, 2017 и 2018 година, Општина Куманово бележи тренд на намалување на трошоците од неколку илјади евра. Новогодишното украсување во пресрет на 2016 година чинело околу 28 илјади евра (1.770.000 денари) што е најмногу во последниве четири години. Истата година, беше укината и прославата за дочекот на новата година на плоштадот во Куманово од тогашниот градоначалник Зоран Дамјановски, со образложение дека скапи се хонорарите на изведувачите, а интерес и посетеност од граѓаните нема. За 2017 и 2018 година за новогодишното украсување се потрошила идентична сума на пари од по околу 27 илјади евра (1.722.800 денари). Иста фирма добива тендери во различни општини

Иста фирма добива тендери во различни општини Скопската фирма „Метал ват – ел“ две години по ред го добива тендерот за новогодишно украсување на општина Куманово, во вредност од околу 46 илјади евра за двете години. Иако сè уште не е јавно достапен склучениот договор за последната година, во делот на одлуки на ЕСЈН, стои дека избрана била оваа фирма со проценета вредност од околу 23 илјади евра (1.412.430 денари). „Метал ват-ел“ го добила и тендерот за новогодишно украсување и за 2019 година за Општина Куманово, со склучен договор од околу 23 илјади евра или 1.416.000 денари. Истата фирма„Метал ват-ел“, годинава ги доби тендерите за украсување во уште шест општини и тоа: Општина Карпош (околу 33 илјади евра), Општина Охрид (29 илјади евра), Општина Чаир (23 илјади евра), Општина Гази Баба (16 илјади евра), Општина Валандово (околу 10 илјади евра) и Општина Ресен (речиси 8 илјади евра). Во период од 2017 и заклучно со украсувањето за дочекот на 2020 година, според податоците на ЕСЈН, истата фирма „Метал ват-ел“ добила вкупно 19 тендери за новогодишно украсување во македонските опшини. Во 2017 и 2018 ги добила тендерите распишани од Општина Охрид во вредност од 23 илјади евра, односно 16 илјади евра.

Во 2019 година пак, оваа фирма добива 10 општински тендери за новогодино украсување и тоа: Охрид (30 илјади евра), Куманово (23 илјади евра), Чаир (23 илјади евра),Радовиш (19 илјади евра), Гевгелија (17 илјади евра), Гази Баба (13 илјади евра), Валандово (околу 10 илјади евра), Карпош (околку 7 илјади евра), Неготино ( околу 6 илјади евра) и Крива Паланка (околу 6 илјади евра). Во 2017 и во 2018 година пак, тендерите на новогодишно украсување од Општина Куманово ги добивала фирмата „Линк медиа груп“ од Скопје, која истотака често победува на тендерите и во други општини, и тоа неколку години по ред вклучувајќи го и Градот Скопје. ЈП Куманово-паркинзи задолжено за тендерите за Нова година Во 2009 година, Советот на Општина Куманово донесе одлука за формирање на Јавното претпријатие „Куманово – паркинг“. Првичната идеја била ова претпријатие да ги решава проблемите за паркирање во градот, тековно да го одржува јавното и уличното осветлување, контрола на потрошувачката електрична енергија, како и одржување и стопанисување со спортски терени и угостителски објекти ,кои се во сопственост на општината. Две години од основањето на ЈП „Куманово-паркинг“,во 2011 година, доверени му се ингеренциите за распишување и спроведување на тендерите за новогодишното украсување.

Општина Струга ги намалила трошоците откако го ангажира ЈКП „Еко Струга“

Пишуваат: Шефкие Аласани и Теодора Новеска

Веќе две години градот Струга, на предлог на Советот на Општина, новогодишно го украсува Јавно комуналното претпртијатие (ЈКП) „Еко-Струга“. Јавното претпријатие е задолжено да го украси градот и да ги одржува украсите, за да може да се користат и следните години. Пред донесување на оваа одлука, во анализираниот период од 2016-2019 година, секоја година се избирале различни компании, преку системот за јавни набавки. Трошоците за украсување на градот за новогодишните празници, според податоците кои се достапни на системот за електронски набавки e-nabavki, варираат од година во година. Воочливо е дека ниту една година не е истото претпријатие кое го добива тендерот за украсување на градот. Само во 2016 година, проценетиот буџет од Општината е надминат од договореното претпријатие, и тоа проценетата договорена сума од 762.711,86 денари достигнала до 900.000 денари. 2017 година: Украсување на градот за Нова Година 2018 Проценета вредност: 508.474,58 денари, Договорена вредност: 505.100 денари, Набавката ја добива Трговско претпријатие за производство, трговија и услуги БЕНИ МАРКЕТ, с. Велешта-Струга ДООЕЛ. 2016 година: Украсување на градот за Нова Година 2017 Проценета вредност: 762.711,86 денари, Договорена вредност: 899.986 денари. Прифатена е понудата на Претпријатиете за трговски услуги ВВУЛЦ – ТРАНСПОРТЕ импорт-експорт ДООЕЛ Велешта, Струга. Во системот на јавани набавки нема документ за склучен договор. 2015 година: Украсување на градот за Нова Година 2016 Проценета вредност: 762.711,86 денари. Договорена вредност: 900.000 денари Договорот за украсување го добива Претпријатие за градежништво, производство, трговија и услуги ВИРГО ЕНГИНЕРИНГ ДООЕЛ импорт-експорт Скопје. И овој договор не може да се најде на e-nabavki.

Општина Тетово три години по ред ја украсува иста компанија

Пишува:Адем Јашари

За украсување на градот за 2019 година, Општина Тетово планирала 25 илјади евра, но одлучено е овие средства се донираат во Албанија, по земјотресот на 26 ноември, каде животот го загубија 52 лица. Со тоа, градот остана без новогодишно украсување. Во 2018 година, Општина Тетово за новогодишно украсување одвои 789.000 денари, што е помал буџет споредено со 2016 и 2017 година. За украсувањето на градот се погрижи компанијата „БОШ ДД“ од Тетово, која го украсуваше градот три години по ред. Според податоците од електронскиот систем за набавки, оваа компанија го добила тендерот за украсување на градот во 2016-та и 2017-та година, со ист буџет од 1.199.670,00 денари. Освен тендерот за новогодишно украсување, Компанијата БОШ добила уште два други тендери од истата Општина. Се работи за проектот „Изградба и реконструкција на јавното осветлување“ во 2018 година, проект со вредност од 11.585.546 денари, и другиот проект во 2019 година за „Набавка на репроматеријали за улично осветлување“, со вредност од 1.249.260 денари. Трошоци на Општина Тетово за новогодишно украсување: Година: 2018 Наслов на договорот: Новогодишно украсување Изведувач: „БОШ ДД“ од Тетово Вредност на договорот: 789.000 денари. Година: 2017 Наслов на договорот: Новогодишно украсување Изведувач: „БОШ ДД“ од Тетово Вредност на договорот: 1.199.670 денари. Година: 2016 Наслов на договорот: Новогодишно украсување Изведувач: „БОШ ДД“ од Тетово Вредност на договорот: 1.199.670 денари.

Општина Битола ги намалила трошоците за новогодишно украсување

Пишува:Теута Бучи

Врз основа на податоците од електронскиот систем на јавни набавки, Општина Битола за новогодишното украсување за преодот од 2019 во 2020 година, потрошила околу 12 илјади евра за дочекот на Новата 2020-та, намалувајќи ја на овој начин сумата пари за овој празник, во споредба со 2018 година. По објавениот повик на општината, се потпишани три договори со две компании. За материјалите за украсување за Нова Година и фигури за деца е одбрана компанијата „ЗИ МУС“ од Скопје, со која се потпишани два договори – првиот со вредност од 271.990 денари, а вториот договор со вредност од 287.330 денари. Додека третиот договор, кој се однесува исто така на материјали за новогодишно украсување и фигури за деца ,е потпишан со „Техномак Инженеринг“ од Битола, со вредност од 163.803 денари. Во 2018-та се потрошени околу 16 илјади евра за дочек на Нова Година. Општината потпишала четири договори за Нова Година. За набавка на новогодишни украси за 2018-2019 година, повторно набавката ја добила компанијата „ЗИ МУС“ со која е потпишан договор со вредност од 349,823 денари. За набавка на материјали за поправка на украсите и фигури за деца се потрошени 188.800 денари со набавката од „Алфанет компјутер систем“ од Битола. За електрични услуги, монтирање и одржување на украсите, компанијата „Винел електрик“ од Битола добила 361.080 ден за извршување на услугите. Во меѓувреме, за потрошен материјал за реконструкција и поставување на украсите за Нова Година повторно е потпишан договор со „Техномак Инженеринг“ со вредност од 118.000 денари. За 2017 година не се објавени податоци, а во 2016 е потпишан договор за електрични услуги, монтирање, одржување и отстранување на новогодишни украси со компанијата „ЕЛ МАР“ од Битола, во износ од 219.622 денари или 3,5 илјади евра.

За пет години Ресен потрошил близу два милиони денари за украсување

Четири години по ред Ресен за Нова Година го укасува една иста компанија – „Еко клуб“ ДООЕЛ од Битола и тоа за ист износ од 354.000 денари. Вкупните пресметки покажуваат дека за украсувањето на плоштадот „Цар Самоил“, Општина Ресен во 2016,2017,2018 и 2019 година потроши над 1.400.000 денари. Новогодишното украсување во преодот од 2019 во 2020 година го добива Друштвото за трговија, производство и услуги Метал ват-ел од Скопје, а Општина Ресен платила поскапо. Набавката изнесува 483.210 денари со ДДВ. Од овие податоци евидентно е дека во 2019 година биле потрошени 129.210 денари повеќе од другите години.

Охрид за новогодишното украсување во 2019 година плати двојно повеќе од 2017 година

Пишуваат: Рита Бехадини и Дајана Лазаревска

Општина Охрид, иако веќе четири години ја украсува иста команија, за новогодишното украсување на градот во 2019 година потроши двојно повеќе од 2017 година. Фирмата изведувач на декорацијата е „Метал ват-ел“, ДООЕЛ од Скопје, која наплатила 1.779.912 денари за украсувањето во 2019 година, додека во 2017 година новогодишната декорација чинела 999. 342 денари. „Метал ват–ел“ е истовремено единствениот апликант на тендерот последните 4 години на јавната набавка на Општина Охрид.

| Година | Потрошен износ (ден) | | ------ | -------------------- | | 2019 | 1,779,912 | | 2018 | 1,862,928 | | 2017 | 999,342 | | 2016 | 1,416,000 |

Оваа компанија е исто така задолжена за декорирањето на Општина Аеродром во 2019-та, во износ од 2.983.925 денари. Исто така, во 2018 година, го добива тендерот за украсување на општините: Гевгелија, Радовиш, Неготино, Крива Паланка, Валандово и скопските општини: Карпош, Чаир, Аеродром и Гази Баба.

Ова компанија освен со новогодишно украсување, се занимава и со многу диверзибилни дејности. Имено, повеќе пати врши сервисирање на протопни и циркулаторни пумпи во спортската сала „Борис Трајковски“- Скопје, ЈП „Водовод“-Куманово. Исто така, во 2018 година истата фирма е набавувач истовремено и на хирушки мантили за Клиниката за Кардиологија во Скопје и корпи за одпадоци за ЈП „Комунална Хигиена“- Скопје.

Компанијата „Метал ват –ел“ Скопје, со седиште Гази Баба има долга листа на клиентела, вклучувајќи ја и компанијата „Линк медија плус“, која ја врши истата дејност, новогодишно украсување и’ е директен конкурент.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.