ШТО РАСКАЖУВААТ СТУДЕНТИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА СТУДИИТЕ ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ

May 31, 2022

|

Language:Albanian

ШТО РАСКАЖУВААТ СТУДЕНТИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА СТУДИИТЕ ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ

Периодот на рано лето е секогаш еден од најубавите моменти за сите ученици и студенти, но исто така и многу застрашувачки момент за оние кои треба да го направат следниот чекор во нивното образование. Разговорите меѓу младите за студии во странство стануваат се почести и почести. Некои од нив веруваат дека надвор ќе имаат можност за поквалитетни студии а некои за поразлично искуство од тоа што им се нуди внатре во земјата. 

За подобро да ни го доловат студирањето надвор од државата, тројца студенти го споделија нивното искуство со студирањето во друга земја, потточно Адам Стојановски за животот во Словенија, Антонија Димитровска за нејзиното искуство во Германија, кои моментално студираат таму и Нина Пендароска за завршените студии во Холандија.

  1. Како ја правевте одлуката за да студирате во странство?

Адам: Одлуката беше искрено многу  тешка и многу фактори влегуваат во тоа дали воопшто да пробаш или не. Прво што морав да сфатам е дека доколку се одлучам за ова морам да бидам спремен на се. Многу труд влегува во тоа ти воопшто да стигнеш до студиите камоли па за самите студии. Но, искрено, ако си доволно убеден и знаеш дека тоа го сакаш ништо не може да те спречи.

Нина: Заедно со родителите. Беше колаборативен процес за барање на соодветни универзитети надвор од државата. Критериумите која сама ги поседував за студирање во странство беа малку, но ми беа важни: универзитетот да нуди добра програма по предметот од мој избор и во државата да се збори добро и лесно англискот јазик.

Антонија: Од секогаш сум сакала барем дел од студиите да ми бидат во друга држава, во најмала рака поради интерес да сикусам живеење во странство. Со мало насочување од родителите, учење во билингвална паралелка и посетување курсеви за англиски и германски веќе почнав да се адаптирам да слушам настава на друг јазик.

  1. Кој беше клучниот момент каде знаевте дека сте одлучни за студии надвор од државата?

Адам: Клучниот момент искрено за мене беше тоа што првично ги започнав моите студии во Северна Македонија, и уште од самиот почеток знаев дека не го добивам целосното образование коешто ми е потребно. Искрено не се чувствував  среќно со тоа што беше предавано и колку многу се вложуваше од страна на професорите и студентите. Мислев дека ми треба нешто повеќе во смислата на повеќе информации и знаење коишто сакав да ги стекнам. Од друга страна пак, знаев дека нема иднина за мене во Северна Македонија со струката која ја изучувам и плус не се чувствував никогаш дека припаѓам таму. Затоа се решив дека треба да направам некој промена и морам да ја направам сега.

Нина: Никогаш немало момент каде не бев желна да студирам надвор од Македонија, но нешто слично на тоа чувство би го издвоила моментот кога почнав да присуствувам на часови за како успешно да се аплицира во Америка и ги видов можностите за студии во другите земји.

Антонија: Моите родители сакаа да работат надвор од Македонија за нивниот труд да биде подобро платен и искусив како професорите се однесуваат со студентите на ПМФ, ги видов лабараториите, таму работевме со скршени епрувети, а тука се продаваат за 20 центи. Нема доволно наставен кадар и асистенти, а и тие што ги има не се доволно платени за работата што ја прават, и заради тоа паѓа квалитетот на работата и предавање. Како и тоа што овој факултет е на многу повисоко место на листата на универзитети во светот, 108 место за разлика од УКИМ кое е на 1944, што значи дипломата е повредна.

  1. Колку време беше потребно да се прилагодите на новиот начин на живот?

Адам: Мислам дека се уште се прилагодувам. Не знам дека е возможно ти во помалку од 2 години да се прилагодиш целосно на една средина, мислам дека би ми било потребно уште малку време. Дефинитивно сега се чувствувам по удобно за разлика од кога дојдов со тоа што јазикот веќе го владеам и ги знам правилата и како работи се.

Нина: Иако кога стигнав иницијално таму се почувстував убаво, ми требаше неколку месеци, од прилика 4-5, за целосно да се прилагодам на начинот на кои живеат луѓето на запад. Забележав дури после пола година дека јас самата размислував и се прилагодував на мојата средина како и на луѓето околу мене.

Антонија: Мислам дека поради тоа што дојдов во Германија за време на пандемија, немав многу опции да се запознаам со други студенти што исто така значеше дека не мошев многу да го подобрам моето познавање на јазикот како што навистина го зборат тука. Но, претходниот и овој семестар предавањата ни се со физичко присуство и веќе забележувам дека многу по слободно можам да комуницирам со студентите и професорите. 

Така што околу година дена, но ако уште на почетокот ми беа предавањата со физичко присуство не би ми требале повеќе од два-три месеци.

  1. Кој беше најголемиот културен шок што го доживеавте?

Адам: Најголем културен шок искрено ми беше и се уште ми е дека не е толку поразлично од дома. Да, си има свои разлики, многу е посредено во смисла на хигиена и правила има за се. Ама ако го тргнеме тоа искрено на крајот на денот има огромен дел што е исто. Исто многу слабо организирана администрација, некултура од страна на граѓаните итн.

Нина: Најголемиот културен шок го доживеав кога се запознав повеќе во студентскиот ноќен, социјален живот. Како, во споредба со Македонија, нема излегување преку работната недела ниту пак на саат после факултет. Тоа не постои. Но, затоа кога ќе дојде викендот, можам да кажам дека студентите преминуваат од крајност во крајност кога станува збор за журкање. Таа разлика од сталоженост преку недела и откаченост преку викенд ми беше тешка да ја сфатам.

Антонија: Дефинитивно бев шокирана од тоа колкаво разбирање и толеранција имаат генерално сите тука за странци, без разика дали се поврзани со универзитетот или обичен човек на улица. Да, они се строги и преферираат да збориш на германски со нив, но ти даваат колку време и да ти треба за да склопиш реченица и да биде разбирливо.

  1. Како се прифатени странските студенти од локалното население и во нивните кругови?

Адам: Според мое искуство се позитивно прифатени со чесни исклучоци ама во глобала позитивно не чувствуваш огромна дискриминација иако ја има. 

Нина: Странските студенти во Холандија се генерално добро прифатени. Во мојот случај, Холандија е генерално многу пријателски настроена држава која се стреми кон диверзитет во секое поле, така што Холандија е една од земјите во Европа каде англискиот се прифаќа скоро како и мајчин јазик. И најважно од се, имаат некое имплицитно разбирање дека сите сме студенти кои поминуваат низ истите проблеми и со тоа се разбираме едни меѓу други без разлика на националноста.

Антонија: Земајќи го во предвид културниот шок кој го споменав, сите се фини и толерантни, барем во мојот случај.

  1. Доколку имате да одберете повторно дали би студирале повторно во друга држава?

Адам: Секако дека би студирал дури и сега за понатамошни студии размислувам за повторно студирање во странство уште по далеку. Искрено нема поинтересно чуство од да си обкружен во средина што е многу поразлична од твојата и да мораш да се снајдеш. Почнуваш да го гледаш светот на друг начин и пробуваш да сватиш каква е гледната точка на луѓето околу тебе. Потполно нова перспектива.

Нина: Доколку би можела да се вратам назад во времето, би прифатила уште еднаш да студирам на истиот факултет и на истата програма, психологија, во истата држава. Имам безброј убави моменти и само добри зборови да ја пофалам мојата програма, колегите со кои што се запознав, како и луѓето кои беа во студентската асоцијација од која бев дел сите 3 години. Не знам дали би студирала во друга држава, но тежнеам кон позитивен одговор.

Антонија: Дефинитвно да, едно од најдобрите нешта што ми се случило е што дојдов тука, запознав предобри луѓе и направив нови контакти од цел свет. Работам во прекрасно опремени лабаратории, никој од професорите не те тера да им ја купиш книгата, се ни е достапно во трите градски библиотеки во кој што си член чисто поради тоа што си студент. Накратко кажано, преубаво искуство и го препорачувам на секој што ја има шансата.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in