Читалните во град Скопје не се вратиле на вообичаеното работно време од времето кога беа воведени заштитните мерки од коронавирусот. Потребата на студентите за поминување на времето во читалните, по враќањето на предавањата со физичко присуство на факултетите е зголемено, но тие се уште работат речиси според работното време како и во екот на пандемијата. На ова реагираа студентите, со посебно нагласување на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ која до пандемијата работеше 24/7. Тие, преку Студентското собрание на Универзитетот „Кирил и Методиј“, реализираа петиција за продолжување на работното време за работните денови и за викенд, но безуспешно.
„Иницијативата заглави во одговорот на Комисијата за заразни болести. По три неуспешни обиди од читалната, односно испраќање службени барања за кои ни одговорија дека нема услови за отворање и дека барањето е одбиено, ја објавивме анкетата која го потврди сериозниот интерес и неопходноста за отворање на читалната за студентите. Според анкетата, директорката на „Браќа Миладиновци“ која се согласува да се отвори, под услов да поднесеме барања до Комисијата за заразни болести, која ќе ја одобри работата 24/7. Испративме барање, немаше одговор. Се обидовме да стапиме во директен контакт со претседателот на комисијата, но безуспешно“, велат од Студентското собрание на УКИМ.
Според студентите, големите простории на библиотеката се доволни за одржување на растојание.
Библиотеката ги исполнува условите бидејќи има чувари кои го одржуваат редот и протоколите, работат со намален капацитет и она што останува е да овие протоколи останат во сила 24/7. Студентите кои се вратиле во Скопје имаат сериозна и итна потреба за продолжување на нивното работно време“, додаваат студентите.
Од Комисијата за заразни болести велат дека не се тие оние што одлучуваат за работното време на библиотеките.
„Комисијата за заразни болести не го одредува работното време на читалните, работата ја организира библиотеката под чија надлежност е и читалната. Комисијата за заразни болести препорачува само да се почитуваат превентивните мерки за време на престојување во читалната, како што се: вакцинацијата, носењето маска, одржување на лична хигиена и растојание, со цел спречување на ширење на Ковид-19“.
Во меѓувреме, од директен контакт со раководството на библиотеката не добивме никакво дополнително појаснување. Од оваа институција кратко ни рекоа дека одговорите може да се најдат на веб-страницата на библиотеката.
Во еден писмен одговор за читателите, на веб страницата на библиотеката, се наведува дека Управниот одбор го разгледал барањето за враќање на старото работно време и повторно го оставил на сила скратеното работно време, како што нагласуваат „поради немање реални услови за одобрување на барањето“.
„Библиотеката ја следи состојбата со пандемијата и доколку се создадат услови ќе излезе во пресрет на барањето на студентите, внимавајќи на здравјето на сите корисници и вработени во библиотеката“, се наведува на веб страницата на библиотеката.
Протоколот за работата на библиотеките и за работата на читалните не го одредуваат работното време. Тука, меѓу другото, се бара да се обезбеди растојание меѓу лицата во иста просторија, да се ограничи бројот на присутните лица, да се дезинфицираат просториите и рацете и да се носи маска.
Додека не се продолжи работното време на читалните, студентите ќе чекаат користејќи ја читалната со актуелното работно време. За студентите сега започнува испитната сесија и повеќе од кога било, продолженото работно време и работењето преку викенд се повеќе од неопходни.
„Мислам дека за оваа испитна сесија најважното нешто за студентите би било библиотеката да работи со продолжено работно време, а исто така и за време на викендите, бидејќи повеќето студенти се речиси цел ден зафатени со своите обврски на факултетот и затоа сегашното работно време не им одговара на повеќето студенти. Продолжувањето на работното време е особено неопходно за студентите кои не се локални жители, кои живеат во станови, немаат соодветни услови за учење и библиотеката е единственото место каде што можат да се подготват за испитната сесија. Исто така, враќањето на старото работно време ќе ги направи мерките против КОВИД пореспектабилни бидејќи нема да има собири во одредено време“, изјави Бесник Рочи, студент и редовен корисник на читалната.
Скратеното работно време стана практика за многу институции по почетокот на пандемијата, но со вакцинацијата мерките во многу од нив се олабавија.
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.