Националната образовна платформа ќе се надградува

July 2, 2021

|

Language:Albanian

Националната образовна платформа ќе се надградува

Кај само 15-20 проценти од корисниците за кои е наменета, Националната платформа за учење наишла на секојдневна примена. Во просек, на дневно ниво ја посетуваат и користат околу 30 илјади корисници меѓу кои се основците над трето одделение, средношколците и нивните наставници, односно професори. До вакви податоци дошле инженерите од Факултетот за информатички и компјутерски науки (ФИНКИ) на крајот на првото полугодие од оваа учебна 2020/2021 година.

Тие ја направија Платформата за помалку од еден месец, период во кој паралелно течеа обуки за просветните работници за надоградување на нивните дигитални вештини. Краткото време на располагање, подоцна „си го зело данокот“ , принудувајќи го тимот од ФИНКИ да прави компромиси.

Краткото време и несоодветната синхронизација на податоци – предизвик за
инженерите

„Платформата се состои од повеќе компоненти. Сите се постоечки софтверски решенија кои ние само ги адаптираме. Пред се’ тука се алатките од Мајкрософт тимс, а потоа алатките од платформата Мудл наменети за содржинскиот дел на наставата за подобра организација на материјалите, кои ќе се користат надвор по завршувањето на онлајн часовите. Адаптацијата на целиот систем реално успеавме да ја направиме, меѓутоа поради краткото време беа направени многу компромиси и претпоставки кои подоцна си покажаа своите проблеми. Меѓутоа успеавме во од некако да ги надминеме“, вели во изјава за ПИНА професор д-р Боро Јакимовски.

Според професорот, како проблем се наметнала и несоодветната синхронизација на
податоците за тоа каде учат и работат учениците и наставниците, со информациите во
електронските системи на МОН.

„Пред се’ иако Министерството има електронски системи, училиштата се должни да ги
ажурираат, а во дадена мера не беа ажурирани. Кога имаше екстерно тестирање тие се чуваа во одредена добра кондиција, но ниту еден друг систем не зависеше од нив. Во тој период од месец дена паралелно работевме и на што е можно поажурна состојба на овие податоци во системот“, додава Јакимовски.

Помпезна промoција за проект кој не ги исполни очекувањата

Истражувањето на Здружението лидери за едукација ЛЕАД исто така упатува на мала
искористеност на Националната платформа.

„На крајот од првото полугодие на оваа учебна година направивме едно национално
истражување кое покажа дека само 9 проценти од наставниците ја користеле
Националната платформа за одржување на часови, односно, најголем дел од своите
часови ги спроведувале преку Мајкрософт тимс или во 67 проценти од случаите“,
посочува извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов.

На мала искористеност укажува и неодамнешниот претседател на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи кој реагира дека институциите многу помпезно промовирале нешто кое како што вели, не функционирало уште од првиот ден.
„Нашата држава нема развиена дигитална инфраструктура да креира една платформа на која ќе бидат вклучени над 150.000 ученици. Неуспехот на Националната платформа, само што покажа колку неспособни се државните инститци за управување со образовниот процес во време на пандемијата“, посочува Ходаи во изјава за ПИНА.

Со доза критика кон институциите на системот е и Иванов, кој вели дека за разлика од
граѓанското општество кое лесно се прилагодува на промените, институциите на системот се „тромави“. Тој констатира дека пред кризата наставниците не добивале обуки за дигитални вештини, а кога дошло време да се создаде платформа за учење од далечина, не се дало доволно време на располагање за да се добие соодветен систем со сложен карактер.

Истражувањето на ЛЕАД само го покажува она за што сведочат и самите наставници и
ученици во дебатите на социјалните мрежи. Најголемиот дел од нив не можат да се
најават (логираат) на Националната платформа или пак таа паѓа откако ќе го сторат тоа.

Сепак, според математичарот Игор Богдановски ова не е возможно и на наставниците им е потребно дообучување за да ги согледаат придобивките и од Мајкрософт тимс и од Мудл.

Богдановски кој е наставник во ООУ „Блаже Конески“ – Прилеп минатата година бил еден од обучувачите на наставниците и вели дека самиот е доказ оти Платформата работи. Ни објасни и како ја користи во своето секојдневно работење и со какви проблеми тој самит се соочил.

„Јас лично ја користам во сите мои тестови, односно оваа учебна година 16 на број.
Изработени се исклучиво на Платформата и никогаш немав ниту најмал проблем. Во исто време, во истиот момент прават писмена повеќе од 100 ученици. На последниот тест беа приклучени 108 ученици и во исто време решаваа тест во траење од 75 минути. Тестот имаше 30 прашање, нешто слично како годишен тест на којшто ги проверувам знаењата на учениците преку Платформата. Тестот беше направен на база на 400 прашања, кои се поделени по нивоа и области и со посебен избор при креирањето на тестот самата апликација го генерира тестот. Имајќи предвид дека имаше преку 360 прашања испаѓа дека секој четврти ученик може да има едно прашање исто кога ќе ги генерира“, објаснува Богдановски за ПИНА.

Според него, Платформата е нова и не може да помине без извесни проблеми бидејќи таа претставува нешто што досега овде го немало.

Потребата од користење останува неизвесна додека инженерите продолжуваат со работа

Во меѓувреме, бројките на новозаразени со коронавирус се паднати, но имајќи
предвид дека ситуацијата и понатаму е неизвесна, надлежните се со резерва во изјавите за тоа како ќе се одвива воспитно-образовниот процес од септември.
Од ресорното Министерство во писмениот допис за ПИНА нагласуваат дека наставата во училница е најдобра и најефикасна опција за реализација на воспитно-образовниот
процес и не постои друга подобра алтернатива. Ходаи сепак, им порачува и на
МОН и на Владата што побргу да почнат да ја планираат новата учебна година.

„Ковид-19 не е веќе една изненадување, искуствата што ги имаме до денес треба да ги
искористиме и да научиме како треба да менаџираме во вакви случаи“, смета матурантот.

Додека институциите се двоумат, универзитетскиот професор Јакимовски и неговите
колеги летово ќе се обидат да воведат одредени измени во делот на Мајкрософт
алатките. Тие, како што ни потврди Јакимовски, за ова се подготвуваат во последните два месеца.

„Нема да се воведуваат алатки, тие се познати и достапни. Ќе се воведуваат поставувања на автоматизација на креирање на одредени функционалности, на безбедносни поставки кои ограничуваат или не ограничуваат одредени функционалости. Во текот на учебната година не сакавме да ги пробуваме за да не се поремети наставниот процес. Со овие измени што ќе ги направиме ќе бидеме посигурни дека привилегиите ќе бидат соодветни.

На почетокот имаше ситуации кога учениците ги гасеа наставниците и така натаму, поради одредени поставки во Тимс кои не беа соодветно направени, така што сето тоа да биде минато и да не биде случај“, објасни професорот.
Тимот инженери ќе работи на подобрување на Платформата за која не е извесно дали ќе се користи. Од МОН за тоа на кој начин ќе започне и ќе се реализира 2021/2022 година, односно организацијата на работата на училиштата, велат дека ќе зависи од
епидемиолошката состојба во државата. Министерството одлуките по однос на овапрашање ќе ги носи заедно и согласно препораките на здравствените институции и
Комисијата за заразни болести.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Published in