Интервју со Лира Бојку

April 19, 2022

|

Language:Albanian

Интервју со Лира Бојку

Лира Бојку е една од малкуте писателки во нашата земја од овој вид, која главно пишува со толкава посветеност за љубовта, и зборува со толкава љубов за книжевноста и читањето воопшто.

„Мислам дека ние, младата генерација, треба да се залагаме да ја ставиме книгата на пиедестал, односно вистинското место кое го заслужува, да создадеме услови за отворање на библиотеки, да се опремат со книги, да ја всадиме љубовта кај младите генерации кон книгата и читањето...“ – вака мисли Лира во однос на љубовта на другите кон книгите, мисла која барем еднаш треба да падне во умот на сите, а особено младите, оние кои ја имаат иднината во свои раце. И да се всади љубов кон книгата во време на развојот на технолошките информациски уреди е многу тешко, што признава и самата.

Нашиот разговор со Лира не заврши само со оваа мисла, бидејќи таа имаше да ни каже многу повеќе за своето искуство, односно за нејзината професија во овие области:

 

Вие сте писателка, иако млада по возраст, но не толку скоро во оваа професија, кажете ни малку за вашето искуство од почетоците на пишувањето?

 

 

Ми имаат кажано дека како дете сум покажала посебен афинитет кон книжевноста и ликовната уметност. Љубовта кон книгите, читањето, албанскиот јазик и книжевност, пишувањето веројатно се родила и израснала заедно со мене. Мислам дека желбата да се продлабочам во уметноста на пишувањето има свои корени во семејното образование и големата љубов кон книгата во моето семејство. Сум почнала да пишувам откога бев мала, се разбира тоа беа првите стихотворби што ги собрав во импровизирана книшка. Потоа продолжив уште повеќе да ја негувам љубовта кон пишаниот збор на часовите по книжевност, за да ова се трансформира во страст и така посериозно да пристапам кон прозата или поточно кон расказот…

 

Јас не знаев дека пишувам книга кога седнував и пишував за себеси и за своја душа. Со тек на време, голем број раскази почнав да ги објавувам по портали и книжевни  списанија и сфатив дека голем број читатели ги читаат со задоволство, особено млади луѓе кои ми пишуваа дека им се допаѓаат моите приказни и дека бараа да објавам книга, па така дојде до мојата прва книга, збирка љубовни приказни, „Црвени чевли“ (2015 година) за да продолжи со втората „Љубов во машина за перење“ (2017 година), па објавив книга на македонски јазик „Љубовта на генералот Ш.“ (2018 година) и неодамна мојата најнова книга која е објавена паралелно на албански и на македонски јазик, со наслов „ “Doja të të them... - Сакав да ти кажам...“...без да ги изоставам и преводите на мојата проза/поезија во тек на годините на македонски, турски, унгарски јазик, како и книжевни награди во земјата и во странство...

 

 

 

Што е најтешко при пишување книги? 

Процесот на пишување е можеби една од најтешките работи која истовремено те заморува, те уништува и те оживува, исполнува и задоволува душата. Според моето мислење, главниот непријател на писателот е, ПРВО: немање доволно време да пишуваме колку што би сакале (со оглед на тоа што кај нас не се живее од пишување и книги, па писателите во главно имаат други професии или работат нешто друго) и ВТОРО: недостаток на инспирација (ако несакајќи си се скарал грдо со својата МУЗА и те игнорира подолго време)…

Што е потешко? Мислам дека пишувањето бара доста труд...многу часови поминати сам со себе пред белата хартија или компјутерот...„борејќи“ се со зборовите, стиховите, редовите... изнесувајќи го на хартија она што те „поробува“ одвнатре. И во никој случај ова не е лесно, бидејќи нема поголема агонија од тоа да чувате приказна во себе, приказна која чека да се напише и бара од вас да седнете и да ја напишете. Така, тешкотијата лежи тука, кај белиот лист хартија кој чека да биде поцрнет, во исповедта што те обзема, тука е жестоката желба да се ослободиш од неа, тука се зборовите и нивната тежина, нивните значења, инспирацијата што доаѓа кога не ја очекуваш, тука е прегледот на напишаното, поправките ... Следниот ден хартијата е повторно бела ... и се од почеток ...

 

Колку сметате дека луѓето се љубители на книгите и читањето? 

Ова прашање секогаш ги преокупирало и ги загрижувало писателите кај нас, особено во последните години. Често разговараме и поставуваме дилема колку читаме, колку читатели имаме во ова време на брза информација, социјални мрежи, мобилни телефони... Мислам дека вистинските љубители на книжевноста ќе бидат се повеќе и повеќе избрано малцинство, бидејќи читањето книги е ритуал кој дефинитивно бара да се негува, ритуал кој се одвива во осаменост и повлеченост од вревата и луѓето. А во денешново динамично време, каде што интернетот ги голта луѓето и ги втурнува во уште поголема осаменост, се надевам љубителите на книги веќе да сфатиле дека виртуелниот свет воопшто не го нуди тој свет на фантазија, креативност и креативна слика што го нуди книгата…

 

 

Од она што сме го виделе последниве години, саемите за книги не го добиваат соодветното внимание и посетеност, зошто се случува ова? 

 

Тука ќе се поврзам со одговорот на претходното прашање, за жал во денешно време имаме многу малку читатели, било ученици, студенти, интелектуалци воопшто. Она што треба да не загрижува е фактот што многу училишта воопшто немаат библиотеки. Мислам дека ние, младата генерација, треба да се залагаме да ја ставиме книгата на пиедестал, односно вистинското место кое го заслужува, да создадеме услови за отворање на библиотеки, да се опремат со книги, да ја всадиме љубовта кај младите генерации кон книгата и читањето. Факт е дека интернетот влијаеше врз намалувањето на интересот на читателот и присуството на е-книгите ја избледи сликата на класичните книги, но сметам дека класичната книга не може да се замени, барем оние кои се редовни читатели и вистински читатели продолжуваат да остануваат верни на класичната книга. Мислам дека треба да се работи на подигање на свеста особено кај младите за библиотеките, книжарниците и саемите на книги да бидат привлечна средина и почесто да се посетуваат бидејќи општество без култура на читање е општество со сериозни проблеми.

 

 Како може некој да стекне навика за читање?

Навиката за читање се создава и формира од мала возраст, би рекла дури од времето кога детето уште не ги научило буквите, не знае да чита, но секоја ноќ родителот седи до него со книга, читајќи му сказна пред спиење, или кога детето го гледа таткото или мајката со книга во рака и сака да ги копира и имитира правејќи го истото. Значи, љубовта кон книгата треба да ја негуваат родителите, наставниците, воспитувачите, а тоа во денешно време е доста тешко знаејќи дека светот се соочува со вистински проблем, масовното користење на електронски уреди, работи кои ги спречуваат децата да читаат книги. Како и да е, навиката за читање се стекнува и негува со се повеќе и повеќе читање, задолжително имајќи книги на масата и на комодата што нè придружуваат, зборувајќи за книгите, позајмувајќи, разменувајќи и купувајќи книги...

 

 

Во нашата земја не секогаш се посветува соодветно внимание на уметноста и културата, дали мислите дали професиите поврзани со овие области се доволно поддржани од државата?

 

         Културата и уметноста се важни компоненти со кои човекот го афирмира својот, културен и национален идентитет, но мислам дека за наша не толку добра среќа кај нас уметноста и културата секогаш биле потценувани и не го заземале местото што го заслужуваат. Поддршката постои, но секогаш треба повеќе. Овде се стремиме кон поддршката што можеби културата ја добива во напредните европски земји каде уметноста се цени, разбира и вреднува на поинакво ниво.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in