ВОЛОНТЕРСТВОТО ВО ЗЕМЈАТА НЕ СЕ ВРЕДНУВА И СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА

March 26, 2022

|

Language:Albanian

ВОЛОНТЕРСТВОТО ВО ЗЕМЈАТА НЕ СЕ ВРЕДНУВА И СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА

Волонтерството во државата не се вреднува. Поради ова сме сретнати со мал интерес за волонтирање и младина која не си ги познава своите права, ниту пак како да се заштити од искористување на нивниот труд.

„ИМКА Битола“ е една од организациите кои активно го одржуваат волонтерството во државата, но признаваат дека незаинтересираноста на институциите се отсликува врз мотивацијата на граѓаните да станат волонтери. Разговорот со претставник на „ИМКА“, Виктор Илиев, откри дека ваквото занемарување е системски проблем чиешто влијание можеме да го забележиме во моменталната состојба на пандемија што ги има понатаму влошено условите за волонтирање. Понатаму тој кажува дека ова е последица од недоследноста на спроведување политики, недоволна координација и почитување на претходно вложениот труд, како и најновите промени во законот за волонтирање кој налага многу повеќе бирократија која ги демотивира и организациите да вклучуваат повеќе волонтери ако и воопшто.

„Кај институциите не гледаме доследност и конзистентност во спроведување на политики, еден ќе се најде ентузијаст којшто ќе ги истурка работите и значи институциите поради тоа ќе се поддржани од граѓанскиот сектор, од многу волонтери што додаваат вредност на тие институции, после ќе дојде друг на таква функција којшто не го препознава тоа и цел тој труд за џабе ќе оди и ќе пропаднат работите”, додава Илиев.

Тесно поврзано е и образувањето на народот за суштината на волонтерството и бенефитите кои една држава може да ги добие. Споредувајќи ги домашните и волонтерите кои посетуваат од странство, Виктор вели дека разликата е очигледна. Странците се целосно упатени во волонтерската сфера, што се очекува од нив и организацијата во која се вклучуваат, додека пак локалните волонтери поради немање на претходна припрема, сите правила ги учат во пракса и нивната наивност е често злоупотребувана. Активните волонтери во државата се исто така свесни за оваа ситуација поради тоа што во некој момент и тие се почувствувале искористени.

Започнувајќи ја својата кариера како волонтер од средношколските денови, Бојана Пачемска, сега многу повеќе ја разбира потребата младите да бидат образувани за волонтерство за целосно користење на ресурсите за значителен развој на државата. Таа смета дека најдобриот начин да се подобрува состојбата со волонтерството е да се фокусира на неговото вметнување во формалното образование. Тоа го објаснува со примерот на веб порталите кои се одржуваат од волонтери и кои се на сервис на граѓаните за повеќе намени но кои замруваат поради тоа што народот не знае за нив и притоа не ги употребува.

„...Ако сме искрени, да сакаш да најдеш македонски филм нема да го најдеш, не постои, го нема на ниту една страна на интернет. Да почнеме прво од културата, нели? ...Кај нас дефинитивно да најдеш информации, да најдеш речник, да најдеш книги е најтешката работа што постои затоа што сеуште не сме дигитализирани, воопшто. И да отидеш во Кинотека да го побараш филмот, најверојатно нема да го добиеш, ти треба авторитет, ти треба договор, ти требаат барања”, рече Пачемска.

Тој пoнатаму објаснува: 

„Најдобриот начин на кој што се запознаваат средношколци или луѓето на кои највеќе им се одгледуваат, највеќе слушаат информации од нив, им се професорите. Сметам дека мора да постои аспект на ова тело или оваа страна да биде присутна во школските клупи. Зошто? Бидејќи што почесто им го збориш тоа на луѓето, толку е поголема веројатноста дека ќе дојдат на оваа веб страна. Да, убаво е да се оди преку инфлуенсери, социјални медиуми и невладини организации, меѓутоа причината зошто овие организации се популарни кај младите е бидејќи се присутни во школските клупи”, додава Пачемска. 

Најмногу можат да направат споредба волонтерите кои сега се самите вклучени во организации и ги воочуваат моментите кога тие можеле да бидат помогнати од повеќе информации за да се избегне злоупотребување на нивниот труд.

Тренд при разговор со волонтери е како чувствувале „бурн-аут“ работејќи на некој проект, нивното волонтирање го чувствувале повеќе како работен однос кој не бил платен. Работење преку договореното време, што може да достигне до 12 часа и кое лесно може да се прекрши  со практикувањето на уснен договор, е само еден аспект кој ни ја покажува вистинската пракса на организации кои соработуваат со нови волонтери. Ова ни го потврди Бојан Ристовски, кој во своето искуство со волонтирање имал шанса да биде и од страната на волонтер и од страната на организациите кои се одговорни за нив.

Низ различните проекти забележал како приклучувањето на волонтери на позиции за кои постојат луѓе што се платени е најчест начин организациите да ги намалат своите трошоци и да ја искористат наивноста на млади волонтери кои се задоволни и со основните придобивки, како добивање на влезница за фестивалот на кој ќе работат.

„Ако имаш поголем бенефит од тоа колку што ти треба да работиш, тогаш е океј, ако имаш ист бенефит колку што она ти треба да го работиш пак е океј, но ако ти работиш, придонесуваш и даваш вредност, а бенефитите ти се намалуваат тогаш не оди... Има случаи каде што волонтерите се искористуваат и се ставени на позиции кои често не се физички тешки но се со времетраење над 8 саати. За тие позиции би добиле, на пример, од една до две илјади денари, може и повеќе, кога би биле професионално ангажирани”, вели Ристовски. 

Според последните статистики спроведени од Државниот завод за статистика во 2015-та година, можеме да согледаме дека порастот на волонтерството е значително мал и сеуште далеку од влијателен ресурс во државата. Со само 10,95 часа волонтирање во една година или 1,8 минути во ден за еден граѓанин, бројките сами по себе е разочарувачка. 

Од Сојузот на Синдикатите на Македонија кои се грижат за заштита и унапредување пред се на работничките права во државата ни соопштат дека имаат организирана служба за бесплатна правна заштита за права од работен однос , во која правните застапници ангажирани од ССМ ги преземаат сите активности согласно закон за заштита на работниците во врска со нивните прекршени права од работен однос, но дека досега немаат обраќања на волонтери во поглед на заштитата на нивните права уредени со Законот за волонтерство. 

ССМ укажува на потребата:

  • Да се уреди задолжителност на  писмен договор за волонтерство меѓу волонтерот и организаторот на волонтерската работа 
  • Да се предвиди забрана за секаков облик на дискриминација по сите дискриминаторски основи согласно новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација 
  • Да се утврди заштита од вознемирување на волонтерите 
  • Надоместокот на  трошоците за храна  да бидат во висина од најмногу 20% од просечната месечна плата по работник  исплатена за претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај  ( согласно одредбите од ЗРО )
  • Волонтерот да биде вклучен во обуките за БЗР и други обуки во кои се вклучени и вработените на организаторот 

Од Министерство за труд и социјална политика, до моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор на прашањата пратени до нивната адреса. Прашањата се однесуваа на потребните активности и законски измени за подобрување на состојбата со волонтерството на волонтерските права. 

Со негрижата кон развојот на волонтирањето, надежта на волонтерите и организациите за проширување и подобрување на неговиот квалитет е скоро непостоечка доколку сега не стапат на сила нови реформи кои би ја промениле неговата слика во следните десет години.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in