Столе Димитриевски: Пресреќни сме за успехот бидејќи оваа генерација созрева за големи нешта

May 3, 2022

|

Language:Albanian

Столе Димитриевски: Пресреќни сме за успехот бидејќи оваа генерација созрева за големи нешта

-Добре дојде посакувам на Столе Димитриевски, најдобриот голман во македонската фудбалска репрезентација. Благодарам за одвоеното време. Поминаа петнаесетина дена после завршетокот на баражот за пласман на Светското првенство. Па, еве, сега со средени впечатоци можеме ли да направиме една ретроспектива што се случуваше на натпреварите и како поминаа од гледна точка на голман, на фудбалер?

СД: Пред сè фала на поканата. Искрено, за нас ова беше преголемо искуство да завршиме второ место во групата за Светско првенство да може да играме бараж со една Италија, која беше шампион на Европско Првенство. За нас беше голем предизвик и доста добро се подготвувавме за натпреварот. И се случи, го добивме натпреварот, победивме. Беше тешко, беше напорно но, сепак, јас секој пат викам сè додека е тешко, додека е напорно и додека се успее да се победи уште повеќе се ужива во победата, во успехот. Така да, пресреќни сме за тоа, презадоволни, зашто оваа генерација созрева за големи нешта. И така после тоа го вториот натпревар со Португалија. Беше потешко, нормално, игравме два натпревари на гостински терен со Италија и со Португалија. Но, сепак сум среќен за успехот за репрезентацијата, за сите нас што сме внатре што можеме да ја претставиме Македонија на такво натпреварување, на такви натпревари во најдобро светло и едноставно да донесеме голема радост за луѓето во Македонија зашто овие моменти низ кои што минува целиот свет сега се баш доста тешки. Така да, ваква радост и ваков успех за нас, за луѓето е прекрасно чувство да учествуваат, да гледаат, да навиваат за својата држава.

 

-Сите критики беа всушност позитивни од страна на македонската јавност. Сите се презадоволни од квалитетот на играта што ја видоа на теренот. И покрај поразот после Португалија сите се само со позитивни коментари во врска со репрезентацијата. Едноставно, навивачите се задоволни кога гледаат дека се остава срце на терен, како што се вели, и се дава сè од себе, па успесите сами по себе ќе дојдат. Со кого Столе Димитриевски функционира најдобро во одбрана? Значи, видовме Муслиу дека одлично го чуваше Роналдо но, имавме и ситуација кога Алиоски, на пример, спаси буквално чист гол против Италија. Што му кажа на Алиоски во тој момент?

СД: Па добро, јас во тој момент дирекно со таков адреналин.. Јас обично сум многу смирен во такви ситуации но, тоа... Едноставно кога ќе играш за репрезентација чувствата, емоциите се многу поголеми. Го бакнав три пати во тој момент и му реков „браво“. Во овој момент сега не знам ни што сум му кажал, не ми ни текнува но, знам дека го бакнав, знам дека има слика од тој момент. Меѓутоа, тоа што луѓето се задоволни и што се радуваат на нашата игра, искрено да ти кажам после натпреварот со Португалија ние влеговме претажни во соблекувалната. Влеговме од една страна разочарани, од друга страна бевме среќни до каде дојдовме. Но, во моемнтот бевме тажни зошто бевме на еден натпревар до светско првенство. И да играме на светско првенство тоа е мислам дека еден од најголемите успеси за Македонија што би можела да постигне. Така да, пак ќе ти кажам дека среќен сум за луѓето што има позитивни коментари, што се среќни, што дојдоа во португалија да нè поддржат. Сепак, во денешно време во ваква ситуација во Македонија луѓето да одвојат економски средства, волја, желба за да може да дојдат е стварно големо нешто што тие го прават за нас. И ние минимум што може да дадеме е да оставиме срце на терен, да играме, да дадеме максимум. Но, сепак, ќе кажам дека ние отидовме тажни во соблекувална заради тоа што веруваме дека можеме да отидеме на светско првенство. Така да, таа е ситуацијата, тие се чувствата што ги имаме на теренот и после теренот.

 

-Сигурна сум дека ќе ја искористиме следната шанса. Ако претходно важеше Горан Пандев за најголем мотиватор во екипата, во репрезентацијата, кој важи сега за најголем мотиватор, со оглед на тоа што гледаме дека позитивната енергија и кохезијата всушност е нешто што најмногу ја одликува македонската фудбалска репрезентација. Се гледа таа позитивна енергија и поврзаноста помеѓу играчите. Кој е мотиватор на тимот?

СД: Па добро, можам да кажам дека Стефан Ристевски е мотиватор. Тука исто позитивна енергија има Барди, Алиоски... Јас мислам дека оваа генерација и оваа соблекувална, оваа хемија што е создадена е стварно голема љубов. Јас секој пат кажувам хемија меѓу двајца луѓе кога ќе има хемија, ќе има љубов, така е и во соблекувална помеѓу сите. Така да, го задржавме тоа уште кога го направивме пред 4-5 години и тоа уште трае. Новите играчи што доаѓаат влегуваат, го чувствуваат тоа и придонесуваат за сè. Така да, затоа и се создаваат ваквите успеси зашто ние сме тим, имаме хемија, имаме поддршка, работиме и затоа не случајно доаѓаат овие успеси.

-Повеќе од една деценија си во македонската репрезентација. Можеш ли да ни кажеш што е тоа што ја доведе репрезентацијата до вакви успеси како никогаш претходно?

СД: Кога се креираше таа хемија имаше стварно феноменални големи играчи, како Пандев што беше во репрезентацијата. И тој е еден од најдобрите играчи во Македонија, што Македонија секогаш имала и ќе има зашто ние го гледаме како перспектива која што секој играч во Македонија би сакал да достигне, да освои бар некоја од титулите што ги има. После тоа, имаме комбинација од млад и поискусен тим. Ние што бевме младите сега сме поискусни. Сепак, може да кажам дека сите сме млади. Така да, успесите доаѓаат со напорна работа, со стабилност во екипата и плус играме 90%, да не кажам 100% од играчите, сите играме во нашите клубови. Тоа е многу битно кога ќе дојдеш во репрезентација да придонесуваш многу повеќе.

-Повеќе од 10 години имаш интернационална кариера. Главно, сиве овие години си во шпанска Ла Лига, моментално во Рајо Валекано. И ти и клубот можеме да кажеме дека имате навистина добар успех во последниов период. Но, дали е дојдено време можеби за да направиш некоја клупска промена, со оглед на тоа што Рајо Валекано сепак е негде на средина на табелата во Ла Лига. Дали е можеби дојдено време за преселба во некој поголем клуб со европски амбиции?

СД: Секој пат сум сакал и секогаш сакам да напредувам. Едноставно, Рајо Ваљекано е клуб кој што ми има дадено многу. Така да, јас мислам дека ова е еден од најдобрите моменти до сега во мојата кариера и би сакал да имам многу подобри. Така да, би сакал едноставно да напредувам во кариерата, да можам да играм европски натпреварувања. Но, сè тоа ќе се реши на крај на сезоната. Дефинитивно сезоната е прекрасна на клупско ниво и на репрезентативно ниво. Така да, јас сум пресреќен за ваков успех и само се чека да видиме што сè ќе се случи со мојата кариера.

-Тука не може да не го поставиме прашањето дали имаше вистина во дел од гласините за трансфер во Барселона?

СД: Да, дефинитивно имаше голем интерес. Требаше да се случат неколку движења кои што требаше да излезе до мене Барселона јас да влезам. Не се случи. Но, сепак, сум пресреќен кога клубови од такво ниво те бараат. Така да, постојано работам за да можам да достигнам да стигнам во такви големи клубови.

-Да се навратиме малку во Македонија и македонскиот фудбал. Како гледаш на моменталната состојба во ФФМ? Од една страна имаме ситуација кога македонската репрезентација постигнува успеси како никогаш до сега но, од друга страна, клубовите во Македонија многу брзо, упте во првиот круг од европската лига завршуваат со европските настапи. Како гледаш на моменталната ситуација во македонскиот фудбал?

СД: Дефинитивно е тешко да се игра на европско ниво зошто нашата лига има послабо ниво од европските лиги но, треба доста да се работи на сите страни, на сите планови за да може да напредува македонската лига. Првичен план, јас секој пат кажувам дека Македонија има многу таленти и Македонија има многу млади играчи кои што може да достигнат многу. Но, прво треба да се средат условите како и ние што играме. Во Македонија кога играме теренот е лош и ние бараме игра со топка која што треба да ја изнесеме и тука може да биде многу потешко. Но, јас мислам дека треба да се напредува во условите, треба да се напредува во младите играчи, да се поддржуваат младите играчи за да може да достигнат поголеми успеси и да дојдат во репрезентација и да може да достигнат успеси и поголеми од тие што ги достигнуваме.

-Најдраг момент од клупската кариера но, и од репрезентативната кариера?

СД: Најдраг момент ми беше кога влегов со Рајо Ваљекано во прва лига, иако не бев таму, бев на Европско првенство. И можам да кажам најдраг момент на репрезентативно ниво е кога се пласиравме на Европско првенство со Грузија.

-Која е твојата следна поставена цел за остварување? На клупско ниво кажавме, но на репрезентативно ниво претпоставувам дека тоа е светско првенство, или можеби ново европско првенство со минување на онаа прва групна фаза?

СД: Па добро, јас зборев баш пред некој ден со татко ми и зборев види како останав за еден натпревар да играм финале на шпански куп и на еден натпревар да одам на светско првенство. И тоа може малку ме иритира зошто не достигнав бар едно од двете но, дефинитивно следна цел е да играм на следното европско првенство. После следното европско првенство ќе поставам нова цел но, во овој момент е целта да се оди на европско првенство. Го осетивме тоа, знаеме како е, мислам дека сега сме малку поискусни од првиот пат кога се пласиравме на Европско и дефинитивно мислам дека ќе одиме на европско и ќе направиме добар резултат таму.

-Го собра ли целиот Панини албум?

СД: Ми го поклонија. На нас ни го поклонија целиот со сите сликички. Ама и моите дома собираа уште еден.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in