Патот на Шар – Планина до национален парк

February 1, 2021

|

Language:Albanian

Патот на Шар – Планина до национален парк

Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање уште лани минатата година презедоа иницијатива за прогласување на Шар Планина за Национален парк, иницијатива која датира од 1994 година, но засега оваа најава не е завршена. Од Министерството за животна средина велат дека се чека завршување на извештаите за процесот на јавни консултации, по што ќе биде финализиран нацрт законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.

Шара би можела да стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Дел од жителите од овој крај, со кои поразговаравме за планот за Шара, не се расположени многу за изјави во медиумите, но неофицијално говорат дека сакаат да се повклучени во процесот. Велат дека е од нивен интерес Шар Планина да стане национален парк и локалното население одамна бара ова место да го добие овој статус, за што се надеваат дека ќе помогне во понатамошниот развој на овој крај од земјата.

Министерот за Министерство за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, за ПИНА.мк вели дека чекаат извештајот за процесот на јавна консултација да заврши во февруари и заедно со конечниот нацрт закон за прогласување на планината Шар – Националниот парк да се достави до Владата на РМВ. Како што рече, потоа да го разгледаме и да го испратиме во собраниска процедура. “Службите на Министерството заедно со експертите кои ја изработија Студијата за валоризација и предлогот за зонирање, претставниците на UNEP и дополнително вклучениот експерт од IUCN по разгледувањето на сите писмени и усни коментари поединечно, пристапија кон дополнителни теренски согледувања и анализи, како и поединечни состаноци со релевантни институции со цел да се преиспитаат решенијата дадени во нацртот на Законот и предлогот за зонирање, со оглед дека се добиени различни коментари од многу засегнати страни, кои во некои делови се и меѓусебно спротивставени”, додава Нуредини. На крајот тој вели дека се примени забелешки и совети од жителите на областа, економски оператори и невладини организации, со цел да се земат предвид добиените забелешки и да се изнајдат најдобри решенија и социо-економско усогласување што истовремено ќе обезбеди степен повисока заштита.

Шар планина, голем туристички потенцијал

Активистите гледаат голем потенцијал во овој чекор за Шар планина и се надеваат дека тоа ќе влијае позитивно и на туризмот. Метин Муареми, претседател на ЦЕД – Центар за развој на образованието и член на мрежата „Пријатели на Шара“, вели дека оваа идеја постои повеќе од две децении и како таква помина низ разни политички предизвици, но што е најважно граѓаните што живеат во оваа област беа подготвени да соработуваат и да ја разберат важноста на областа.

,,Остануваме посветени на гледањето на Шар Планина како национален парк и тука сме да помогнеме во заинтересираните страни и локалното население за важноста на заштитеното подрачје во иднина”, вели Муареми. Според него, со прогласувањето на планината Шар – Национален парк, ќе се формира една од најголемите заштитени прекугранични области во Европа, што ќе нè приближи кон остварување на стратешките определби на државата за зачувување на нашето природно наследство. Како што рече тој, во текот на месеците јули – октомври минатата година тие се вклучиле во разни активности кои имале за цел да ја подигнат свеста и важноста на овој процес кај граѓаните и надлежните институции. “Она што е важно за идната заштита ќе биде заедницата да работи на потфат за локални планински тури. Шара е голем потенцијал и ние мора да работиме со овие луѓе и да ја подигнеме нивната свест за да ја донесеме оваа планина во нејзините најдобри години, каде за многу луѓе не само од регионот, туку и пошироко беше претходната дестинација”, завршува Муареми.

Меѓуинституционалната соработка со невладините организации е плодна

Претставничката на УНЕП, Искра Стојанова за ПИНА.мк вели дека тие во рамки на проектот СТАР5 за постигнување на заштита на биолошката разновидност преку воспоставување и ефикасно управување со заштитените подрачја, соработувале со засегнатите институции и меѓународни партнери за прогласување на Шар Планина за Национален Парк.

Вели дека во овој процес ја имале и подршката од граѓаните на зоната.

“Поконкретно, со вклучување на национални и меѓународни експерти, започнуваме со изработка на предлог план за управување со идното заштитено подрачје. Планот ја дава рамката за одржливо управување со подрачјето и треба да предложи, меѓудругото, заштитни мерки и развојни насоки за заштитеното подрачје, за заштита на биолошката разновидност, особено мерки за зачувување на природните живеалишта, шумските живеалишта и екосистеми, мерки за управување со просторот, мерки за заштита на карактеристичните предели и слично.

Паралелно, не застануваат и активностите за промоција на Шара и подигнување на свеста кај јавноста, со што суштината на националниот парк е да се обезбеди заштита на природата, но под рака со одржлив социо-економски развој на подрачјето, од кое особено придобивки ќе има локалното население”, додава таа.

Шара ги исполнува условите за именување на подрачје во областа Натура 2000

Во јавната кампања се вклучени и претставници на Македонското еколошко друштво, кое се залага за трансформација на оваа област во национален парк од 1994 година. Фросина Пандурска-Драмиќанин, проектен координатор во МЕД потенцира дека оваа иницијатива е во зрела фаза, ужива поддршка од локалното население и голем дел од институциите и дека во 2021 година процесот ќе има и институционална завршница односно дека пратениците на Собранието ќе изгласаат Закон за прогласување на Шар Планина за национален парк, по што ќе се очекува и формирање на ЈУ Национален парк „Шар Планина“.

,,Како МЕД и Пријателите на Шара очекуваме дека многу брзо законот за прогласување на Шар Планина за национален парк ќе влезе во владина процедура а потоа и ќе се изгласа од страна на пратениците на Собранието. По формирањето на јавна установа „НП Шар Планина“ ќе мора да се изготви план за управување со заштитеното подрачје, којшто ќе треба да се комуницира со локалното население. Идниот управувач ќе има обврска да ги означи посебните зони за заштита во паркот, да ги информира жителите за нивната улога и да врши мониторинг на флората и фауната и да спроведува други активности за заштита на природата. Една од обврските на заштитеното подрачје е да формира и тело на засегнати страни кое редовно ќе го информира за својата работа.” додава Пандурска-Драмиќанин. Според неа во план е спроведување на јавна анкета во сите населени места предложени да се дел од границите на паркот со којашто сакаме да добиеме информација колкав е процентот на локалното население што ја поддржува оваа иницијатива. Во 2016 година анкетата покажала 83% позитивни ставови за ваквиот чекор.

“Покрај националните закони, постојат и меѓународни обврски за заштита на природата, посебно во светло на нашето приклучување кон Европската Унија. Шар Планина без сомневање ги исполнува критериумите да биде прогласена за Натура 2000 подрачје, според двете директиви на ЕУ: Директивата за заштита на живеалиштата и дивите видови и директивата за заштита на дивите птици. Не е исклучено дека нашите идни чекори ќе се токму во оваа насока.” заклучува Пандурска-Драмиќанин.

Активистите на иницијативата „Да ја спасиме Кодра е Диелит“ пак велат дека постои недостаток на добра координација околу државата со локалното население за многу прашања кои ги засегаат. Хамди Сулемани од оваа иницијатива вели дека имаат и забелешки за активноста спроведена во рамките на кампањата, поради тоа што сметаат дека истражувањето преку Интернет е проблематично бидејќи интересот на населението е значително помал отколку во физичкото истражување.

,,Од друга страна временскиот рок за коментирање е многу краток, па затоа имаше реакции од сите сектори, да им се даде можност да коментираат на најдобар можен начин и истото кога е одобрено да имаат логично спроведување. Во врска со потребата дали е потребно да се прогласи национален парк, одговорот ќе биде дека тоа треба да се направи што поскоро, бидејќе тоа е во прилог на жителите и на сите други. Да се ​​биде жител на село или планинска зона и истото да биде национален парк, дури и тој парк што ќе се појави на разни светски мапи би бил привилегија! Нивните објекти дефинитивно би биле почисти, со патна инфраструктура и подобро организирани, бидејќи законот што се подготвува во него ги содржи сите можни форми во зависност од тоа на која област ќе треба да се интервенира: инфраструктура, екологија, заштита на природните ресурси, вода, флора, фауна итн.” заклучува Сулемани.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Published in