Пандемијата донесе повеќе неплатена работа за жените

June 15, 2021

|

Language:Albanian

Пандемијата донесе повеќе неплатена работа за жените

Анализите на домашните граѓански организации кои се активни на полето на родовата еднаквост, покажуваат дека кризата со ковид-19 ја зголеми неплатената работа на жените во домот. Токму тие ја презеле грижата за домот, за децата, за семејството воопшто за време на карантинот – покажуваат истражувањата.

Пандемијата со коронавирусот ги интензивира родовите нееднаквости. На жените ќе им бидат потребни дури 135,6 години за да станат еднакви со мажите. Ова го нотира Светскиот економски форум, а глобалниот тренд на продлабочување на родовиот јаз не ја одмина ни земјава. Во земјава исто така неминовни се влијанијата на кризата врз родовата еднаквост и предизвиците за жените, особено од аспект на зголемување на неплатената работа која тие ја добија во домот и семејствата.

Центарот за истражување и креирање политики оценува дека жените за разлика од мажите поминуваат значително повеќе време во извршување на домашната работа и грижа за децата, па и други лица во домаќинството.

Следењето на наставата без физичко присуство е фактор кој исто така влијаел на ваквата ситуација.

-Затворањето на градинките и училиштата придонесе многу жени да останат дома и да ги изгубат работните места. Мерките не предвидуваа жените да ги чуваат децата, но требаше да се има предвид  дека општеството ќе изреагира на тој начин и да има кампањи со цел грижата за децата да падне подеднакво на двајцата родители – покажува нивната анализа „Справување со ковид-19: Како трошењето на јавните пари влијае на родовата еднаквост“.

Тие потсетуваат дека една од првите антиковид мерки кои ги донесе Владата беше продолжувањето на родителското отсуство. За нејзиното спроведување државата потрошила 2,3 милиони евра, а ја искористиле 2450 осигуреници. Од нив дури 99,4 проценти биле мајки.

-Фактот дека мерката е искористена од 99,4% мајки, зборува дека родителската улога за грижа за детето од најмала возраст, таткото за време на ковид-19 ја презел во исклучителни случаи (односно во 0,5% од случаите). Дизајнот на мерката е родово неутрален и не овозможува разбивање на родовиот стереотип, каде што мајката е главна во грижа за детето. Бидејќи мерката важи само по завршување на законски загарантираното деветмесечно отсуство, кога детето е доволно големо за него да се грижи и друг освен мајката, доколку мерката беше родово специфична и имаше цел да го разбие родовиот стереотип ќе стимулираше повеќе татковци да го искористат продолжувањето на родителското отсуство заради ковид-19, со што освен што порамномерно меѓу мажите и жените ќе се распределеа финансиите, ќе се споделеше неплатениот труд дома за грижа за семејството, за што товарот го преземаат жените – се вели во документот.

Во него се дава осврт и на мерката за ослободување од работа на родителите на деца помали од десет години.

-На секој петти родител, таткото беше ослободен од работа, а мајките презедоа три четвртини од севкупната грижа – покажува анализата.

Во руралните средини, жените со уште поголем товар

До слични вакви податоци дошле и други организации кои ги контактираше ПИНА. Од Рурална коалиција велат дека ситуацијата е полоша кај жените од руралните средини, од кои и онака само 38 проценти се економски активни.

„Најголемиот дел од руралните жени не се пријавуваат како активни баратели на работа, а речиси сите работат по 11 часа на ден. Руралната жена работи рамо до рамо со сопругот, но тоа не се евидентира бидејќи и регулативата не ни дава можност да се вреднува тоа. Овие жени остануваат незабележани во системот, а тоа го забележавме и во сите пет пакети мерки. Тоа е вина на системот на државата, па и на самите жени бидејќи остануваат незабележани и така не може да им се помогне. Ова е горливо прашање кое треба што поскоро да се реши“, констатира извршната директорка на Рурална коалиција,  Лилјана Јоноски.

Во изјава за ПИНА таа потенцира дека според нивното истражување во кое учествувале 350 жени, пандемијата имала негативно влијание врз 84 отсто од испитаничките.

„Нивниот став е дека најмногу се погодени и од дополнителниот товар, бидејќи тука е грижата за постарите лица, грижата за децата. Тука имаше и други моменти, на пример дел од жените ако дома готвеле по еден или два оброка дневно, сега готват по три или четири оброци во текот на денот за да се нахранат сите. Дополнително се работи и на нива. За разлика од многумина други кои останаа да работат од дома, работата со земјоделството остана иста, бидејќи таму работите не функционираат онлајн“, додава Јоноски.

Потенцира дека во урбаните средини се вадеа потврди дека нема кој да ги чува децата па жените остануваа дома, но во селата нема такви случаи па тој товар паѓа на грбот на жената, која продолжува и да работи на нивите. Според неа, од државата треба да има пакет мерки за економска поддршка на овие жени, но на долг рок е потребно јакнење на нивната свест за да бараат надомест за активната работа во однос на семејното земјоделско стопанство.

Од Рурална коалиција предлагаат државата да воспостави национален систем на електронска продажба на земјоделски производи, со што урбаните средини целосно би се поврзале со руралните. Според нив, во поразвиените земји имаат некаква евиденција колку часа жените поминуваат на фарма и така ти добиваат надоместок. ,,На пример, ако една рурална жена произведува сливи, а од нив и џем, таа не може тоа да си го оствари како бизнис бидејќи треба да докаже дека има имот во своја сопственост, а свекорот не дозволува тој да гласи на нејзино име. Стереотипите придонесуваат руралните жени да не може да се вклучат на полето на бизнисот и тоа сега највеќе се забележува“, нагласува Јоноски.

На иста линија се и од Центарот за еднакви можности „Бубамара“.

Пандемијата и’ удри тупаница на лимитираната слобода на жените, велат оттаму за влијанието на „новото нормално“ врз родовата еднаквост.

-Меѓу одговорностите и обврските кои врз жените ги наметнуваат патријархатот и традицијата, неспорно е неплатената работа во домот. Со други зборови, жената мора да се грижи за семејството, за куќата. Пандемијата извесно време ги стави под клуч градинките, кои откако беа отворени почнаа да работат со намалени капацитети. Жените се принудени да си дадат отказ од работното место за да се грижат за децата, но тоа не се случи со мажите, вели Ардит Рамадани од оваа организација.

Според оваа невладина, во системот во кој живееме грижата за децата и семејството е поврзана со жената, па дури и кога тоа ја чини работно место.

-Според податоците од Државниот завод за статистика, од почетокот на пандемијата со ковид-19 околу 11 илјади граѓани го изгубиле своето работно место. Од нив, 47%  се на возраст од 30-49 години. Според нас оваа возраст не е случајно погодена бидејќи на таа возраст има најмногу млади мајки. Ваквите податоци за последиците за нас се вознемирувачки. Освен тоа во недостиг на работно место, жените би можеле да се соочат со проблеми во врска со здравственото осигурување – коментираат од „Бубамара“.

Родовата еднаквост да се земе предвид при изработката на документи

Граѓанските организации во своите јавни документи за пандемиското влијание врз родовата еднаквост и’ препорачуваат на Владата да ја земе предвид родовата перспектива при креирањето на антикризните мерки.

-Сите аспекти кои ќе произлезат од процената за степенот на влијание кој го имаат мерките врз жените и мажите, да бидат искористени во насока на адаптација на мерките за да се постигне подобар ефект и да се намали дискриминацијата или исклучувањето на одредени општествени групи на граѓани; Да се обезбедат јавно достапни родово-разделени статистики за опфатот и искористеноста на владините мерки за заштита од, и поддршка во ковид-19 кризата и истите да се користат за евалуација на донесените мерки – препорачува Реактор, истражување во акција.

Од Реактор препорачуваат институциите да работат на зголемување на јавната свест за важноста на еднаквото учество на жените и мажите во домашните обвски. Во препораките се посочува и проширувањето на правата и услугите на социјална заштита со цел работничките од неформалната економија, меѓу кои и нерегистрираните земјоделки, да може да добијат социјална сигурност.

Според Реактор, државата треба да ги консултира граѓанските организации при носењето мерки со социо-економски карактер.

Ја прашавме Владата дали и какви родови проценки или родови индикатори се користени при планирањето и дизајнот на владините мерки од антикризните пакети, но во писмениот одговор изостанаа конкретни информации. Од службата за односи со јавност посочуваат дека се донесени низа мерки во борбата против ковид-19 и тврдат дека Владата овозможила поддршка за ранливите категории на граѓани. И покрај забелешките дека во креирањето на мерките отсуствувала вклученоста на невладиниот сектор, според Владата процесот бил направен транспарентно и во него учествувале стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата.

Во однос на мерките кои се специфично фокусирани на жените, оттаму ја споменуваат апликацијата „Биди безбедна“ за поддршка на жртвите на семејно насилство, како и изземањето на жртвите од забраните и санкциите за време на полициски час. Жените исто така, се ставени како приоритетна целна група во активните програми и мерки за вработување .

Според податоците за имплементација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година  од вкупниот опфат на лица се 44,7% се жени.Сите мерки ги опфаќаат невработените жени и мажи, лицата со ниски приходи или младите луѓе, со цел да им се помогне на најранливите. Со оглед дека жените се позастапени од мажите во подгрупите со невработени и ниско платени граѓани .

Во однос на тоа што планира Владата да преземе во следниот период, оттаму најавуваат стратегија на која во моментов работи МТСП, а во изработката се вклучени и здруженијата на граѓани. Ваквиот документ се фокусира на намалување на на родовиот јаз во економското учество на жените и на пазарот на труд. Во насока на развој на женското претприемништво исто така, најавуваат од Владата, Фондот за иновации и технолошки развој во претстојните јавни повици при оценувањето предност ќе им даде на компаниите со жени управители и доаѓаат од различни региони.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Published in