НИСКА ЗАСТАПЕНОСТ НА ЖЕНИ ВО ПОЛИТИКАТА НА РСМ

December 26, 2021

|

Language:Albanian

НИСКА ЗАСТАПЕНОСТ НА ЖЕНИ ВО ПОЛИТИКАТА НА РСМ

На службената страница на Владата на Република Северна Македонија (vlada.mk), во делот Еднаквост помеѓу мажите и жените, меѓу другото се вели: ‘Владата на Република Северна Македонија силно верува дека нема еднаквост во општеството, ако нема еднаквост помеѓу мажите и жените. Само така се гради општество во кое има просперитет. Држави во кои родовата еднаквост е вредност со висок приоритет се економски поуспешни држави. Целта на Владата ќе биде постигнување родова еднаквост во нашата земја, сузбивање на родовите стереотипи и елиминирање на родово-базираното насилство. За таа цел ќе водиме активна политика на зголемување на  застапеноста на жени на сите извршни функции во и избрани од Владата.’  Но, колку е направено за да се постигне оваа цел? Што покажуваат бројките на застапеноста на жените во извршни позиции во политиката?

Тргнувајќи од составот на владата, но и на собранието, се забележува ниската застапеност која и низ годините трпи само многу мали промени, речиси невидливи. Од друга страна, како земја која претендира зачленување во ЕУ, испаѓа дека целите на ЕУ се во сенка. Еднаквоста е меѓу тие цели, бидејќи ЕУ ја промовира еднаквоста меѓу мажите и жените, поконкретно членовите 2 и 3 од Договорот за Европската Унија. Овие цели се предвидени и со членот 21 на Повелбата за Основни Права. Понатаму, членот 8 ѝ дава задача на Унијата да ги елиминира нееднаквостите и да промовира еднаквост меѓу мажите и жените во сите нејзини активности (овој концепт е познат и како 'родова вклученост'). Но, родовата еднаквост во Република Северна Македонија, но и во регионот, не ги исполнува начелата на ЕУ.

ЗАСТАПЕНОСТА НА ЖЕНИТЕ ВО ВЛАДАТА НА РСМ

Од основањето на државата па досега, никогаш не сме виделе жена да биде на чело на позицијата претседател, премиер или претседател на собранието. Дополнително, актуелната влада на Северна Македонија на најважните функции има мажи во својот состав. Поконкретно, од вкупно 16 министерства, на само 4 се жени на чело, а само 2 жени се поставени на позицијата заменик министер. Освен министерствата, и различните тела или служби основани во служба на владата се раководени од мажи, почнувајќи од позицијата на вицепремиери, раководителите на владините секретаријати, национални координативни тела назначени од владата, независни и административни тела итн. Во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа, формирани се 4 независни органи и 3 административни организации кои одговараат пред Владата на Република Северна Македонија. И тоа: Агенција за млади и спорт; Агенција за иселеништво; Агенција за храна и ветеринарство; Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи; Геолошки завод на Република Северна Македонија; Државен архив на Република Северна Македонија и Државен завод за статистика. Сите овие тела се раководени од мажи, а исто и со Службата за општи и заеднички работи која врши општи работи и услуги за потребите на претседателот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, министерствата и органите кои ги составуваат, секретаријатите и другите стручни служби на Владата на Република на Северна Македонија и Уставниот суд на РСМ, раководи маж. Додека пак, на списокот од 10 национални координатори само две се жени, Маја Мојсова Мијовска и Александра Грозданова.

https://create.piktochart.com/output/56857700-my-visual

ЗАСТАПЕНОСТА НА ЖЕНИ ВО СОБРАНИЕТО НА РСМ

Во Собрание се забележува извесно зголемување на застапеноста на жени низ годините, земајќи во предвид дека во 1991 година на првите избори во собранието биле избрани само 5 жени, а потоа во второто законодавство имало 9 жени. Ова е мало и симболично зголемување, но нималку доволно. Подоцна, во 2002 година имаше измени во Законот за избор на пратеници, каде се нагласува квота од 30 проценти на учество на помалку застапениот пол во листите на кандидати за пратеници. Но, на следните избори, по измените на Законот, сепак се забележа родова дискриминација во собранието, каде бројот на пратенички не достигна ни 20%. Ова водеше до други законски измени кои донесоа значително зголемување во следните години. Иако на овој план е постигнат напредок, Собранието досега не се раководело од жена.

„Можам да кажам дека имаме напредок во однос на застапеност на жени на централно и локално ниво со застапеноста во собранието и советот, каде во моментов има 47 пратенички или 39% во парламентот од вкупно 120 пратеници, споредено со 2008 година кога имало 39 жени или 32,5%, и во 1998 година само 9 жени или 7,5%“, вели Елмедина Абдулахи, советничка во Советот на општина Тетово.

 

 ЗАСТАПЕНОСТ НА ЖЕНИТЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2021

Локалните избори 2021 уште еднаш потврдија дека застапеноста на жените во политиката е ниска и далеку од европските начела. Ова го илустрираат бројките, каде од 301 кандидати за градоначалници (за 81 општина), само 25 беа жени. Од 25 жени, само две беа избрани за градоначалнички и тоа, Данела Арсовска и Жаклина Јовановска.

И на позицијата носител на листа на советници застапеноста на жени не беше на потребното ниви, иако има пораст. Елмедина Абдулахи, советничка на Советот на општина Тетово вели дека на овие локални избори за кандидат за советник 45 отсто биле жени, а 55 отсто мажи. Овој напредок несомнено е постигнат со поставување на изборни квоти (40%) на листите за советници и кандидати за пратеници. Но, вакво достигнување не се гледа на највисоките извршни функции, каде што на функциите премиер, претседател на државата и претседател на собранието се уште не сме имале жена.

Слично мислење има и Вјолца Бериша, претседателка на Асамблето на жени на Алијансата за Албанците, каде меѓу другото вели:  „Застапеноста на жените во политиката во Северна Македонија на жалост е се уште сведено на ниво на квоти предвидени со закон. И покрај политичкиот и интелектуалниот потенцијал што го покажуваат жените, сè уште немаат еднаков статус со мажите во однос на застапеноста во партиските органи, како и во државните органи. Истиов збрчкан статус се среќава и во одлучувањето во внатрепартиските структури и пошироко. Иако во повеќето партии постојат и добро организирани форуми на жени, апсорпцијата на капацитетите кои ги сервираат овие форуми, за жал е со големи недостатоци од страна на нашите партии. Ова се забележува во сите партиски тела, каде жените не се застапени ниту со квотите кои декларативно им ги гарантира статутот на партијата, како што се забележува во државните институции, во извршната власт итн.“

КОИ СЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВААТ ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА И КАКО ДА СЕ ЗГОЛЕМИ НИВНАТА ЗАСТАПЕНОСТ ВО ПОЛИТИКАТА?

„Политичката кариера сум ја започнала како доста млада. Јас сум претседателка на Асамблето на жените, каде е неопходно да биде поставена една жена и за оваа позиција не сум требала да предизвика никого. Порано сум била советничка во општина, каде што, исто така, сум била дел од квота која ми гарантираше учество на листа и оваа позиција законски не беше цел на кандидат од спротивниот пол. Додека пак, пред секоја друга порта и амбиција за заземање на некоја позиција или задача, ми се појавил крупен човек кој го зазема квадрантот и не дозволува лесно поминување понатаму. Ова е постојан предизвик за една жена политичар во нашата земја. Таа мора да биде неколкукратно поподготвена, поспособна и поупорна за своите способности за да го добие она што мажот полесно го добива во маскилистичките општества“- вели Вјолца Бериша

Од друга страна, Елмедина Абдулахи вели дека нејзиниот најголем предизвик било рушење на бариери и предрасуди кои живеат во нашето општество, полот не го диктира професионализмот, и таа мисли дека е време, еднаш засекогаш, да нашите дела зборуваат погласно од нас самите. „Сакам да докажам дека политиката не познава род, туку само дела. Како друг предизвик го сметам начинот на кој се прави политика, политиката е валкана, но повалкана ја прават луѓето кои како цел ги имаат само личните придобивки а не колективните, но кога работиш без некаква позадина и со посветеност, сите овие се множат со нула.“

Но, како да се зголеми застапеноста на жените во политиката? Кој е вистинскиот начин овој процес да се одвива со големи и ефективни чекори? Елмедина вели дека политичките партии, и не само тие, треба да создадат инклузивни средини и можности за жените да се чувствуваат мотивирани, вмрежување и можности за управување со позиции од јавно значење за да покажат дека жените се способни да ја вршат таквата работа докажувајќи професионализам и коректност.

„Женскиот пол во нашата листа го сметаме како најсилниот столб, и посебен нагласок ставаме на зајакнувањето и поддршката на нашите жени, кои се клучни при секоја одлука која ја носиме, а исто така се грижиме да имаме еднаква застапеност во јавноста, особено имајќи ги предвид различните предизвици со кои се соочуваме, и тоа не направи да бидеме повнимателни кон поддршката и зајакнувањето на жените. Исто така, една друга форма со која би се зголемила застапеноста на жените во политиката на повисоките извршни и одлучувачки позиции би било поставувањето на квоти за овие позиции, покрај постојната квота за листи за општински советници и кандидати за пратеници.“

Вјолца Бериша, како претседателка на Асамблето на жената, на прашањето како може да се зголеми застапеноста на жените во политиката одговара вака: „Строго почитување на статутите на партиите кои декларативно предвидуваат правична застапеност на жените, дури и на ниво на квоти од 30 или 40 проценти, првично. А најважно е учеството и невоздржувањето на самите жени со потенцијал да се занимаваат со политика, да се соочат, кога е потребно,  со вербално насилство, да ја нарушат зоната на личниот комфор за општото добро, за да имаме што повеќе жени кои се кои се формирани во внатрепартиските структури, бидејќи ова претставува главен мотив за постојано проширување на кругот на политички ангажирани жени.“

Арбреша Влаши, штотуку избрана претседателка на Советот на Општина Струга, вели дека главниот предизвик е од културен карактер. Очекувањата кои општеството ги има поставено пред жената се дека традиционалните вредности ги обликуваат општествените практики, дека одговорноста за семејството им ја препишуваат на жените, држејќи ги одговорни пред приватната сфера. Ваквото очекување на општеството им отежнува на жените да развијат волја за вклучување во политиката. Атрибутот на одлучување во нашето општество им е препишан на мажите и тоа индиректно ве деморализира да бидете дел од политичката сцена.

„Политичките партии треба сериозно да креираат политики и стратегии кои се родово-базирани. Во повеќето случаи, политичките партии се потпираат исклучиво на постигнувањата на поединечни случаи на позиционирање на одредени жени на одредени раководни позиции. Како што се предвидени квоти за политичка застапеност на жените за време на изборните процеси (собрание и општински совети), исти квоти треба исто така да се постават за поставување на жени на раководни позиции и во извршната власт“- истакнува Арбреша Влаши.

 

Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW-Convention on the Elimination of All Forms of Discrimination Against Women) ги повикува сите земји потписнички да обезбедат еднакво право на жените за да бидат подобни и да извршуваат јавна функција. Во својата Резолуција за жените и политичкото учество од 2012 година, Генералното собрание на ОН ги повика сите држави: „силно да ги охрабрат политичките партии да ги отстранат сите пречки кои директно или индиректно го дискриминираат учеството на жените, да ги развијат нивните капацитети за анализирање на прашањата од родова перспектива, и да усвојат политики за поддршка на способностите на жените целосно да учествуваат на сите нивоа на одлучување во политичките партии“.

 

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in