МИРИС НА ПЛИН ВО ДОМОВИ БЕЗ ПЛИНСКА ИНСТАЛАЦИЈА-НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ЗНААТ ОД КАДЕ ДОАЃА

March 26, 2022

|

Language:Albanian

МИРИС НА ПЛИН ВО ДОМОВИ БЕЗ ПЛИНСКА ИНСТАЛАЦИЈА-НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ЗНААТ ОД КАДЕ ДОАЃА

Неподнослива миризба која асоцира на плин, како непоканет гостин се всели во домот на семејството Михајловски во скопската населба Бутел. Иако во куќата немаат никаква инсталација на плин, самохраната мајка Елена и нејзината шестгодишна ќерка одеднаш беа изложени на интензивен мирис на плин.

„Во средата, на 1 декември, после работа ја земав малата од школо и кога дојдовме дома отворивме врата и страшно, многу мирисаше на плин. Мислевме дека имаме истекување од мала плинска боца која е за кафе. Ај ја изнесовме надвор, отворивме врати да се излуфтира, затворивме врати, мирисаше пак. Се јавивме до кај комшиката, ај можеби нас ни се причинува дека мириса на плин, да дојде да види. Дојде и она кај нас, мириса, си отиде дома и потоа ни се јави на телефон дека истиот мирис го има и кај неа дома“, раскажува Елена Михајловска.

Мистериозната миризба на плин се проширила и во уште неколку куќи во соседството.

„Кога влегов дома почувствував мирис и син ми кога влезе вика зошто мириса толку лошо? Тогаш отидов во бањата и од таму доаѓше мирисот, од канализацијата. Ставив мокри крпи за да не се шири миризбата“, објаснува Виолета Јашаровски, во чија куќа истата вечер се појавила миризба на плин.

Незнаејќи ја причината за неподносливиот мирис и стравувајќи за здравјето и безбедноста за себе и својата ќерка, Елена Михајловска побарала помош од сите служби за грижа на граѓани.

„Се јавивме сегде, во Пожарна-рекоа дека не се надлежни за тоа, па се јавивме на 195. Од 195 прво пратија Полиција. Водовод не сакал да дојде. Ѕвоневме повеќе пати на 195. Дојдоа и од Центарот за управување со кризи. Повторно ѕвоневме во Водовод и кога им рековме дека има пријава во Полиција, дека веќе е направен записник, дека дошле и утврдиле мирис, од Водовод тогаш рекоа дека ќе дојдат на терен. Во исто време се погодија лица и од службата на Град Скопје и од Водовод. Влегоа внатре и рекоа дека многу мириса, дека не може да седиме овде и дека треба веднаш да се евакуираме. Се направи паника. Едниот вика гаси светло, другиот вика немој да ги гасите светлата да не дојде до искра. Изгаснете го само болјерот во кујната, па чекај фрижидерот колку е далеку, струја да не има нешто блиску“, раскажува Михајловска.

 

Шестгодишната ќерка вели дека мирисот бил многу лош.

 

„И таму кај што е пешкирот кога ќе отвориме кога ќе мириснеме ни смрди. На нешто такво, на нешто бајато ни мириса таму кај што ќе отвориме. Многу лош мирис. Многу смрди кога ќе отвориме, како да мириса на многу јако. Ич не е убаво кога ќе мириснам“, раскажува шестгодишната ќерка на Елена.

 

И нивната сосетка тврди дека реата била неподнослива.

Иако повеќе служби излегоа на терен и сите констатираа присуство на интензивно мирис, веројатно на плин, никој не ја пронајде причината. Реата, која се ширеше во неколку домови во Бутел, по четири дена исчезна, а службите останаа со кренати раменици во врска со случајов.



МИРИЗБАТА НА ПЛИН НЕ ДОАЃАЛА ОД СОСЕДНАТА БЕНЗИНСКА ПУМПА



Една од претпоставките на граѓанските служби била дека миризбата на плин можеби се појавила во домовите како резултат на истекување плин од резервоарите на бензинска пумпа, која се наоѓа во непосредна близина. Сличен случај во главниот град се појави пред неколку години, кога интервенираа и пожарникарите.
Претпоставувајќи дека станува збор за сличен случај, од Противпожарната служба велат дека веднаш по пријавата излегле на терен но, сепак, тие не можеле да го решат проблемот.

„По добиена информација од Регионалниот центар за управување со кризи во бригадата, излезено е од наша страна со Секторот за заштита и спасување на лице место. Значи, по она искуство што го имавме во 2018 година, по истекувањето на плинот на пумпата кај Коце Металец школото, мислевме дека плинското истекување повторно е од бензинска пумпа која што се наоѓа таму. Но, таму немаше такви миризби и таква реакција. Од таму се упативме кај жената, која имаше пријавено. Констатирано е и видено и осетено по мирис дека има концентрација на плин во нејзината кујна и нејзината бања, како и во соседната куќа до нив. Според нашите обврски, нашите ингеренции како Бригада за противпожарна заштита, тука немаме ние ништо. Мислејќи дека има запушување во одредена водоводна канализација, со екипи на Водовод ги отворивме сите шахти и пуштена беше вода низ шахтите да видиме да не има некое запушување на некоја плинска боца бидејќи цевките биле поврзани со делот од кај што е пазарчето во Бутел, мислејќи да не имало некој несовесен граѓанин кој што пикнал во канализацијата некоја плинска боца. Немаше никаква. Се изгуби дел од мирисот и ние се повлековме. Од наша страна е пријавено во Дирекцијата за заштита и спасување, дури поднесено е и писмено барање, согласно процедурите и постапките за Дирекцијата за заштита и спасување и нивните тимови да излезат и го направат она мерење на експлозивност или на концентрација на плин која што ја има во просторијата или во делот на шахтата. Останува како мистерија во случајов од каде е истекувањето и зошто токму баш на тие места има концентрација на мирис“, вели Владимир Симоновски, командант на Противпожарната служба.

Иако службите им ветиле на граѓаните дека ќе дојде експерт кој треба да направи специјални мерења за концентрацијата на плин и експлозивноста, такво лице никогаш не се појавило.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека ги извршиле потребните мерења и констатирале дека проблемот не произлегува од бензинската станица.

„Нашите инспектори направија увид на лице место и од страна на одговорните лица во Бензинската пумпа Макпетрол на ул. Александар Урдаревски бр. 6 – Бутел е побарано да достават документација за извршени мерења и исправност на уредите за плин од овластена фирма. Документи од претходните направени мерења им се доставени на нашите инспектори на увид. Од нивна страна е направен и преглед на шахтите од каде се мислело дека има испарување и миризба на плин и се констатирало дека таква миризба нема, а шахтите истиот ден биле исчистени од Водовод и канализација. Од инспекторите на ДЗС се констатира дека таква миризба, односно испарување на плин НЕМА, за што и се доставува извештај до барателот, Секторот за заштита и спасување - Град Скопје“, пишува во одговорот од Дирекцијата за заштита и спасување.

Иако повеќе пати побаравме, сепак, официјален одговор за случајот не добивме од Секторот за заштита и спасување при Град Скопје.

Од компанијата Макпетрол информираат дека по пријавата веднаш направиле проверка на надворешната инсталација (цевоводи и резервоарски простор), како и на сите видливи споеви.

„При тоа, никаде не е забележано истекување на ТНГ. Исто така, извршено е испитување под притисок на подземната инсталација на течна и гасна фаза со азот во траење од 30 минути на притисок од 15 бари, при што не е забележана никаква промена, односно пад на испитниот притисок, што јасно покажува дека нема истекување на ТНГ“, одговорија од Макпетрол и потенцираат дека направиле и вонредна проверка на системот за дојава на неконтролирано истекување на ТНГ, што покажала дека системот функционира без проблем.



МОЖЕ ЛИ КАНАЛИЗАЦИЈАТА ДА Е ИЗВОР НА МИРИС НА ПЛИН?


Ниту на ова прашање службите немаат единствен став. Од Центарот за управување со кризи велат дека миризбата се ширела од самите шахти, додека од Водовод велат дека проблемот не е таму.

„Не е невообичаено во канализацијата поради отпадоците кои се движат низ канализацијата, евентуално заглавени мртви животни, да се појавуваат плинови, да се појавува метан или други гасови. Откако службите кои што работеле на чистење од комуналното претпријатие два пати ја испрале мрежата, мирисот престанал. Но, знаете и во Аеродром, јас живеам во општина Аеродром, особено околу трговскиот центар Бисер понекогаш се чувствува сличен мирис. Во општина Аеродром се појавува од време на време ваков проблем. Не во таков обем но, се чувствува мирис“, вели Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.

И покрај констатацијата од сите служби кои излегле на терен дека кога ги отвориле шахтите во непосредната близина, од нив избила силна реа, од Водовод негираат дека миризбата се ширела преку шахтите.

„Од аспект на канализација сè е испрано, сè е направено, значи не доаѓаат, не се создаваат плински гасови од фекалиите. Видете, кога ќе се отвори шахтата се почувствувало за секунда некоја миризба и потоа исчезнувала. Потоа, кога ги испрале шахтите немало миризба никаква. Значи, не е од фекалиите. Таа линија постои одамна и до сега тоа не се случило. Таму знам дека има околу механичарски дуќани, има продавници за продавање масла, такви работи. Не знам од каде би можело да има миризба. Но, од претходното искуство, ако доаѓа плин и оди по цевките може да се случи таква работа, ама тоа не е од наша надлежност и не е од сектор канализација, туку мора да се испита со детектор и да се најде изворот доколку постои извор или миризба“, вели Саша Атанасов, раководител на сектор Канализација при ЈП Водовод и канализација.

Неподносливата миризба, која траеше четири дена и најинтензивно се чувствуваше во домот на семејството Михајловски, беше причина мајката со својата шестгодишна ќерка буквално да не можат да живеат во својот дом. По наредба на ЦУК, од Општина Бутел понудиле на семејството да ги евакуираат во домот за деца без родителска грижа во Бутел, каде во моментов воопшто не престојуваат деца. Бидејќи објектот е празен, Елена не прифатила да живеат привремено таму сами со ќерка си, туку преноќувале кај пријатели.


КОЛКУ Е ШТЕТЕН ГАСОТ И КАКО ДА СЕ ПОСТАПУВА ВО ВАКВА СИТУАЦИЈА?

Миха Буклески, професор на Институтот за хемија, миризбата која се појавува од шахтите ја смета за нормална појава, но штетна по човековото здравје.

„ Гасот, кој во секојдневниот говор, погрешно го нарекуваме „плин“ е најчесто смеса од пропан и бутан, а може да содржи и метан. И пропанот и бутанот немаат боја и мирис, но се многу запаливи и образуваат експлозивни смеси со воздухот. За да се овозможи поедноставно детектирање на гасот од страна на луѓето, производителите додаваат адитиви со карактеристичен мирис. Во овој случај станува збор за група соединенија наречени меркаптани. Тие во својот состав содржат сулфур и го даваат специфичниот, непријатен мирис на гасната смеса.
Меркаптани и други гасови со сличен непријатен мирис, како сулфуроводород, оксиди на сулфурот, амонијак итн. се образуваат и во одводните и канализационите цевки. Многу често мирисот од канализацијата што се враќа преку цевките, може да биде погрешно „дијагностициран“ како истекување на „плин“. Причината заради која непријатниот мирис од канализацијата стигнува во домот, може да биде различна. Најчесто се работи за т.н. „негативен притисок“, односно зголемен атмосферски притисок или посилен ветер, несоодветно поставени, оштетени или исушени сифони, но исто така и пукнатини во одводните цевки. Се покажало дека и многу мала пукнатина на одводната цевка може да придонесе за ширење на силна непријатна миризба во домот. Исто така, честа причина за миризбата се подните сифони во тоалетите каде водата брзо се суши. На таков начин во сифонот нема повеќе вода која оневозможува ширење на гасови низ двете страни од сифонот. Во вакви услови, дури и малку зголемен атмосферски притисок, може да доведе до ширење на непријатната миризба“, објаснува професорот Буклески, кој препорачува да се избегнува престој во просторија каде се појавува ваква миризба.

“Во секој случај, гасовите кои доаѓаат од канализационите и одводните цевки се штетни по здравјето доколку сме постојано и долготрајно изложени на нив. Исто така, постои и опасност од експлозија која е минимална. Нема голем број регистрирани случаи на експлозија на гас од канализација и речиси сите тие се до некој степен екстремни ситуации каде е вклучен и дополнителен фактор за настанување на експлозијата. Концентрацијата на гасовите (пред се’ метан и сулфуроводород) се особено ниски за да дојде до експлозија. За да се заштитиме од штетните гасови кои доаѓаат од канализација потребно е да се направи проценка за причината за појава на непријатниот мирис (атмосферски влијанија, оштетени или пресушени сифони, оштетени одводни и канализациони цевки) и да се преземат соодветните мерки за отстранување на дефектот. Треба да се избегнува престој во простории во кои се чувствува непријатниот мирис“, порачува професорот Буклески.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in