Корупцијата и подмитеноста е израз на интелектуална немоќ

January 26, 2020

|

Language:Albanian

Корупцијата и подмитеноста е израз на интелектуална немоќ

Пишуваат: Маја Терзиова и Адем Јашари

„Личноста, која конфликтните состојби сама си ги креира и режира, се нејзина насушна и душевна храна со заробен ум и најчесто страдаат многу личности, кои се наоѓаат околу нив. Никогаш не покажува желба и склоност за разбирање во интерперсоналните односи,со меѓусебна почит и внимание, никогаш нема чувство за вина,туку обратно – во секоја конфликтна ситуација умее да ја обвини секогаш другата страна и многу свирепо се одмаздува“.

Методи Чепреганов е специјалист по невропсихијатрија и епилептологија со супспецијализација на компјутерска томографија и магнетна резонанца и има заедничка медицинска литература со угледни француски професори. Повеќе од 25 години учествувал во наставата како професор во областа на неврологија и психијатрија. Своите тези ги објаснува на многу едноставен начин, без стручни термини и нејасни зборови за да и ги долови на широката публика. Освен што е многу познат стручњак и по особено актуелни и атрактивни теми за денешно време, иако е во деветтата деценија во животот, Чепреганов се’ уште е активен лекар, држи популарни предавања за стресот и другите болести на денешното време. Неговите предавања за стресот и депресијата имаат многу голема посетеност. Со професор Чепреганов разговаравме за тоа колку и како стресот влијае на нашето здравје, како најчесто организмот реагира при стресни состојби,кои се последиците и како може да се справиме во стресни ситуации. Чепрганов ни објасни и за психичките пречки, агресивноста, гордоста, зависта и нарцисоидноста.

Како би го дефинирале деструктивниот нагон, а како стресот како проблем со кој се соочува голема процентуалност на населението?

-Деструктивниот нагон е ендоген, генетски наследен фактор, кој со добра контрола можеме да го доведеме до рационална стабилност, додека стресот е психо трауматски фактор, кој го напаѓа интегритетот на личноста и ги пореметува параметрите на нормалнотото постоење и доведува до психосоматски болести.

Што означува акумулација на стресоген фактор и дали има решение и одговор?

-Акумулација на стресогени фактори се егзогени психо трауми,кои прават револуција во биолошкиот метаболизам во нашиот организам и за жал секоја пролонгирана стресогена состојба неминовно води до генеза на психосоматски болести.Одговорот лежи во нас, во нашите карактерни особини и во нашата способност да го контролираме стресот и деструкцијата што ја носиме во нас, во името на страста на алчност за пари, моќ и за слава.

Што вели невронауката во однос на агресијата, ароганцијата и насилството?

-Тоа се случува доколку личноста има карактерни особини, без капацитет на соодветна контрола на емоциите, со интелектуална немоќ,со незрелост, со незнаење и привитизам.На пример и корупцијата и подмитеноста претставуваат интелектуална немоќ на заробен и профитерски ум со недостаток на морални, социјални, духовни и етички норми.Агресијата како интелектуална немоќ за справување со соговорникот е отсуство на знаење,немање ментален капацитет и концентрација, култура на комуницирање и однос кон дијалогот во меѓучовечките односи. Во нашиот мозок постојат две спротивставени структури.Едната е нашата емоционална интелеггенција,нашите емоции и емотивен живот кај секого од нас, додека другата ги контролира нашите емоции, ја носи нашата одлука во мисловен процес, со каков вокабулар, но и како и на кој начин, со каква мимична гестикулација,гримаса, боја на глас и движење ќе биде нашиот однос наспроти соговорникот, дома на улица, на работа и сл.

Кој профил на личност го сметате за најпроблематичен?

-Нема полоша работа од самољубието, гордоста, зависта или, со еден збор, од нарцисоидноста и паранојата како погрешна мисла.Нарцисоидноста означува човечки деструктивен нагон, хипертрофирано его (со суета, нетолерантност и инает), извршување на задоволство од суета, егоистичен восхит на сопствените физички или ментални атрибути кои се манифестираат со арогантност и гордост.Таквата личност живее за конфликти и се храни од нив.Конфликтните состојби кои сама си ги креира и режира, се нејзина насушна и душевна храна со заробен ум и најчесто страдаат многу личности кои се наоѓаат околу нив.Никогаш не покажуваат желба и склоност за разбирање во интерперсоналните односи, со меѓусебна почит и внимание,никогаш немаат чувство за вина, туку обратно, во секоја конфликтна ситуација умеат да ја обвинат секогаш другата страна и многу свирепо се одмаздуваат. Сепак, многу по опасна е групната нарцисоидност, која создава еден многу опасен феномен на солидарност и кохезија на една одредена популација. Созреаната група е многу лесна за манипулација и злоупотреба, ништо не може да ја стопира, особено кога ке се појави градација, фанатичност и фанатизам. Разумот едноставно исчезнува. Има многу примери во светската историја, кои на дело ги покажуваат дејствијата на масовната хистерија, како војни, штрајкови, протести, навивање со дивеење по стадионите и сл.

Од што зависи психо профилот на една нација ?

-Од сите архетипови на колективното јас, од што покасно ке зависат менталните и интелектуалните склопови и капацитети на општиот позитивен, или негативен квантум на таа нација, популација или народ, неговото однесување, интелектуален капацитет и знаења, работоспособност, толерантност и флексибилност, визионерство и креативност, со еден збор – нивото на неговото постоење, крајно примитивно од една и високо интелектуално, практично, хумано и издржано од друга страна.

Има ли решение за човековата деструкција?

Теориски да, но, таа е можна само во корелација со хармоничноста и добро осмислена и програмирана висока свесност на еден психо профил, во зрело општество со високи воспитни, едукативни, социјални, правни, економски, морални, етички и духовни норми со богат резервоар на знаења.

Од што зависи превенцијата на агресијата ?

Најпрво од едукацијата и воспитанието, семејството, работното место, условите на живот, ангажираноста, мотивацијата за работа и спортувањето како многу важен фактор.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in