КОМПАНИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СÈ ПОТЕШКО НАОЃААТ КВАЛИФИКУВАНИ КАДРИ

July 20, 2022

|

Language:Albanian

КОМПАНИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СÈ ПОТЕШКО НАОЃААТ КВАЛИФИКУВАНИ КАДРИ

Компаниите во Македонија сè потешко доаѓаат до соодветно квалификувана работна сила. Ако порано една од компетитивните предности на земјава, како локација за инвестирање, беше работната сила, сега веќе и домашните и странските инвеститори имаат проблем да најдат соодветни кадри. Ова особено дојде до израз во периодот на пандемијата. Решение има, но тоа е долг процес на преквалификација и обучување на работниците.

Од Стопанската Комора на Македонија велат дека тешко може да се издвои сектор во кој има доволно кадар за да можат компаниите да се чувствуваат комотно и да ги предвидуваа своите идни вложувања. Според нивните анализи, најголем недостиг на кадар се јавува во секторот угостителство и туризам, следен е секторот хемија и технологија што ја опфаќа и прехранбената индустрија, во секторот машинство има потреба од бравари и заварувачи, оператори на ЦНЦ машини, металоглодачи и металостругари, во секторот електротехника на електричари, електромонтери и електромеханичари за машини за производство, во секторот градежништво и геодезија има потреба од водоинсталатери, гипсери и монтери, ѕидари, молери, од останатите сектори потребни се возачи на вилушкари, трактористи, ракувачи со градежни машини, одржувачи на машини, но тешко можат да се најдат и продавачи, магационери, програмери, ИТ техничари и рудари и сл.

„Во делот на високото образование има недостаток од инженери за електроника, инженери технолози  за производство, машински инженери, прехрамбени инженери, инженери за хемиска, прехранбена и биотехнологија, инженери за хидроградба, градежни инженери и сл.“, велат од Стопанската комора на Македонија. 

Неодамна спроведената анкета од страна на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, покажува дека инвеститорите се многу задоволни од продуктивноста на вработените но, се соочуваат со недостиг од стручни кадри. Па, проблемот го решаваат со тоа што самите организираат обуки за новите вработени.

Тука значајна улога има и формалното стручно образование во форма на учење преку работа или дуалниот модел на образование. Дуалното образование, според Стопанската комора е најефикасниот начин за подготовка на кадарот според потребите на компаниите. Но, застапено е и неформалното образование, што подразбира брзи, ефективни и временски кратки обуки за квалификации и вештини, но со поголем фокус на практичната обука за специфичните работни процеси според потребите во компаниите. Веднаш по завршување на обуките тие кадри почнуваат со работа во компаниите. Често ваквите обуки се финансиски товар на грбот на фирмите, па се поставува прашањето дали во таков случај работниците се обврзани извесно време да работат во конкретната компанија поради инвестицијата во нивна доквалификација.

“Во неформалното образование состојбата е поедноставна, бидејќи обуките се финанасираат од компанијата. Во таквиот случај, со потпишување на Договорот за реализација на обуката, лицата кои се обучуваат се обврзани да останат извесен период во компанијата. Во формалното средно стручно образование, кое истовремено е и задолжително образование, кај компаниите постои доза на несигурност, бидејќи не можат да ги обврзат учениците по нивното завршување да работат извесен период во компанијата. Извесна доза на сигурност за компаниите е тоа што некои од нив обезбедуваат финансиски средства за учениците за нивниот ученички труд што може да ги обврзе учениците за нивно вработување во компнијата по нивнотот завршување“, објаснуваат од Стопанската комора на Македонија. 

Дека е тешко да се дојде до стручни кадри потврдува и Раде Ненадиќ, сопственик на агенција за привремени вработувања.

„Компаниите се обраќаат до нас за да им најдеме веќе обучен кадар. Меѓутоа, тоа е многу тешко, да не речам невозможно, затоа што учени кадри нема, а има една интересна состојба дека луѓето кои што немаат соодветна квалификација не скаат да се дообучуваат за друга, односно да се преквалификуваат. Имавме таков случај со неколку компании каде нудеа и убави плати за време на обуката и редовен работен однос после тоа но, за жал, не успеавме да им излеземе во пресрет“, вели Ненадиќ.

Според него, дуалното образование е добра основа за намалување на јазот меѓу понудата и побарувачката на работна сила но, смета дека мора да се зголеми практичната настава на сметка на одредени наставни предмети што се изучуваат, а кои се непотребни за конкретната струка.

„Тука исто така многу важна улога игра висината на платата. Иако се работи за почетници, веќе никој не се нафаќа да работи за минимална плата од 18.000 денари, особено не па квалификуваните. Компаниите мора да бидат свесни дека заврши времето на евтина работна сила во Македонија“, вели Ненадиќ.

Агенцијата за вработување постојано има помеѓу 6.000 и 9.000 активни огласи за вработување, а истовремено според Државниот завод за статистика 14,8% од активното население се невработени, или тоа се 119.699 лица. Според експертите, дел од нив работат на црно, но добар дел се со образование какво што не се бара на пазарот, па колку се преквалификуваат или обучат според реалните потреби на фирмите, лесно може да дојдат до добро платено работно место.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in