Ковид-19, не се потврдува ефикасноста на третманот со крвна плазма

February 1, 2021

|

Language:Albanian

Ковид-19, не се потврдува ефикасноста на третманот со крвна плазма

Здравствените власти во земјата се поделени во однос на мислењето за ефикасноста на крвната плазма за третман на пациенти со Ковид-19. Поради отсуство на лек за излекување на Ковид-19, предизвикан од новиот коронавирус (SARS-CoV-2), на крајот на месец април минатата година, надлежните институции во земјата, како и во многу други земји во светот, одобрија употреба на крвната плазма како терапија. Оваа одлука се донесе откако овој метод беше употребен уште порано од медицината за третирање на пациенти со САРС, ЕБОЛА и Х1Н1.

Сепак, иако оваа терапија резултираше како успешна за гореспоменатите болести, ниту една научна студија не ја потврдила целосната ефикасност на крвната плазма за Ковид-19. После повеќе од една година од прогласувањето на пандемијата како последица на КОВИД-19, клиничките докази кои ја докажуваат ефективноста на терапијата се малубројни.

Д-р Фадил Цана, инфектолог, кој е во првите линии на справувањето уште од почетокот на пандемијата, вели дека е скептичен што се однесува до овој третман. „Иако многу истражувачи и клиницисти сметале за разумно да ја пробаат терапијата со крвна плазма на почетокот на пандемијата, актуелните податоци се доста ограничени и на научните истражувачи низ целиот свет им било доста тешко да ја докажат ефикасноста на оваа терапија“.

Сепак, дали вреди да се користи оваа метода или дали може една метода за третман, чија ефикасност не е докажана, да биде штетна за здравјето? Фадил Цана вели „Би одговорил дека вреди, бидејќи досегашните истражувања и публикации сугерираат дека тоа е во суштина безопасна терапија, иако не се вели дека е ефективна терапија, може да се покаже ефикасна будејќи има биолошки и клинички индикации за тоа, иако недостигаат убедливи податоци“. 

Плазмата е течна компонента на крвта, 95 проценти од која е вода, додека другиот дел е составен од протеини. Во плазмата има и антитела.

Од Клиниката за инфективни болести во Скопје велат дека во многу случаи терапијата се покажала како ефикасна, особено кога се дава во првите 10 дена од третманот, но тие не ги негираат случаите и кога немало резултати, а пациентите завршиле фатално и покрај овој третман.

„Третманот со крвна плазма кај пациенти со Ковид-19 се покажал како доста ефикасен во првите 10 дена од третирање на болеста. Пасивните антитела можат директно да ги неутрализираат патогените и на овој начин го намалуваат целосното оштетување на органите, го блокираат дополнителното оштетување на имунитетот. Секако дека има пациенти кои починале и покрај третманот со крвна плазма, главно се пациенти со тешка клиничка слика, пациенти со коморбидитети кои развиваат компликации“, велат од Клиниката за инфективни болести

Терапијата дејствува на таков начин што антителата против коронавирусот, кои ги развиваат веќе излекуваните лица од Ковид-19, по трансфузијата ја продолжуваат битката со болеста во телото на болниот пациент кој прима крвна плазма. Но, пред да дадат крв за плазма, донаторите мора да исполнуваат одредени критериуми.

ЛЕКУВАЊЕ И ДАРУВАЊЕ НА КРВНА ПЛАЗМА ЗА ТРЕТИРАЊЕ НА ДРУГИ ПАЦИЕНТИ

Директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Садула Усеини, информира дека до 15 февруари оваа година, во Северна Македонија се регистрирани 87.960 излекувани лица од Ковид-19, додека за истиот период, односно до 15 февруари, се пријавиле околу 3.000. заинтересирани за дарување крвна плазма, од кои 2.000 ги исполниле прелиминарните услови, додека по тестирањето во Институтот е заклучено дека само 50 проценти, или 1.000 од нив можат да бидат дарители. Од нив се обезбедени вкупно 851 единици на крвна плазма.

„Досега се третирани 687 пациенти со крвна плазма. Ние продолжуваме да ги поддржуваме нашите колеги. Ковид-центрите и инфективните одделенија имаат постојана потреба за крвна плазма за третман на пациенти со Ковид-19, ние сме многу среќни што можеме да им го обезбедиме овој начин на третман на нашите пациенти“, рече Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.

Првично, институциите бараат докази дека дарителот бил болен со Ковид-19, но исто така и дека поминале најмалку 21 ден откога излекуваниот пациент немал никакви симптоми. По три негативни теста, се зема примерок за да се потврди потребната концентрација на антитела во плазмата и другите крвни параметри кај кандидатот за дарување. Пациентот кој ја прима терапијата мора да има иста крвна група како и дарителот.

Арлинда Бафтиу е новинарка од Скопје. Заедно со нејзиното семејство беше дијагностицирана со Ковид-19, а по закрепнувањето изрази подготвеност да дарува крвна плазма.

По речиси една година од усвојувањето на овој метод, од Институтот за трансфузиона медицина при Универзитетскиот клинички центар во Скопје велат дека побарувачката за крвна плазма е во согласност со зголемувањето на бројот на дијагностицирани и хоспитализирани лица со Ковид-19

ТРЕТМАН СО КРВНА ПЛАЗМА, ПРОТИВРЕЧНОСТИ И ВО СВЕТОТ

И светот е поделен по однос на третманот на пациентите со Ковид-19 со оваа метода. Според БиБиСи, Британија привремено прекинала со овој начин на третирање. Според една студија на Националната здравствена служба во Велика Британија, се вели дека овој третман не го намалува бројот на смртни случаи кај пациенти со Ковид-19, кои се хоспитализирани. Според анализите на 1.873 случаи кои завршиле фатално во Велика Британија, третманот со плазма не направил голема разлика.

„Околу 18 проценти од пациентите кои биле третирани со крвна плазма починале во рок од 28 дена, што е иста бројка како и кај пациентите кои примале стандардна терапија за Ковид-19“, се вели во студијата.

Од друга страна, една скорешна студија во Индија вели дека оваа терапија се покажала ефикасна за ублажување на хипоксијата (низок кислород во крвта) кај пациенти со Ковид-19, и дека пациентите третирани со овој метод останале пократко во болница.

Додека пак, здравствените власти во САД дале дозвола да лекарите продолжат да ја користат плазмата како „терапија под набљудување“, бидејќи во многу земји сè уште се спроведуваат многу научни истражувања за оваа терапија.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in