[Интервју] Костадинова: Пандемијата ја отежна комуникацијата со лицата со интелектуална попреченост

July 23, 2021

|

Language:Albanian

[Интервју] Костадинова: Пандемијата ја отежна комуникацијата со лицата со интелектуална попреченост

Татјана Костадинова е дипломиран социјален работник и e вработена во Дневниот центар Порака од Радовиш кој е еден од дневните центри во рамките на мрежата на сервисни служби во местото на живеење креирана и менаџирана од страна на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост. Во интервју за ПИНА вели дека на дневна основа центарот обезбедува поддршка на овие лица преку обуки за усвојување и усовршување на вештини за самостојно живеење, работно окупациони програми, образовни програми и социјални и спортски активности. Истовремено, се помага и на семејства преку опфаќање на нивните членови со овој вид на попреченост во еден период од денот давајќи им подобри услови за поуспешно функционирање и можност за вработување на родителите, а со тоа и зголемување на скромниот семеен буџет.

Кога е формиран центарот и со какви активности се занимава?

Центарот е формиран 2003 година во рамките на мрежа на социјални сервисни служби на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост. Имаме повеќе активности како што се: реализација на индивидуална програма за работа за секое лице во дневниот центар, односно индивидуалната програма за работа е изготвена врз основа на скала за проценка на можностите на лицата со умерена и тешка интелектуална попреченост, изготвување и спроведување на програма за групни активности, социјализација, инклузија и работа со родители на корисници во дневниот центар. Програмските активности се реализираат преку индивидуална работа со секој од нив. Со тие програми се овозможува: оспособување на самостојно живеење, социјализација и интеграција во заедницата, ориентација во простор и оспособување за самостојно користење на јавен превоз, работно-окупациони активности, практични и социјални активности, стимулирање на психомоторна координација преку вежби и советодавна работа со родители и семејства на лица со попреченост.

Како функционираше центарот во време на пандемија и дали наидовте на потешкотии?

Во текот на 2020 година во услови на пандемија со КОВИД-19 приоритет беше обезбедување на психосоцијална поддршка на корисниците на центарот и нивните родители, односно се реализираше адаптирана програма за работа со строго почитување на мерките и протоколите за работа. Се работеше онлајн со корисниците и нивните родители користејќи средства за комуникација кои им се на располагање на семејствата водејќи сметка за капацитетот  со кој располага самото семејство. Се користеа телефонски разговори и видео комуникација. Им се даваа насоки и задачи се со цел да стекнат повеќе вештини и можности на одредено ниво.

Дел од тие активности беа:

  • Вклучување на корисници во сите практични активности во домот, како што се одржување хигиена и чистење дома, средување на соба, подготовка на оброци, миење на садови, согласно можностите на корисникот (едукаторот дава насоки во што и колку е вклучен корисникот во дневниот центар)
  • Задавање на едноставни едукативни активности за кои не се потребни специфични материјали или алатки, односно кои можат лесно да се спроведуваат дома. Потребно е да се проценат можностите и/или интересот на семејство и да се зададат задачи соодветни на можностите на корисникот, но и дали се изводливи во домашни услови. Пример, цртеж може секој да направи во тетратка или на лист хартија со молив или пенкало, миење раце, лице, заби, фискултура, користење на марамче – слични секојдневни активности кои треба да се вежбаат и повторуваат. Кога ќе се планираат активности за когнитвните вештини, се имаат во предвид карактеристиките и капацитетите на членовите на семејството.
  • Посочување на едукативни содржини на ТВ и интернет кои би биле соодветни за ангажирање на корисниците.

Кога се работи со лица со интелектуална попреченост физичкото присуство е многу важно, како и директната работа со едукаторот. Со онлајн наставата имаше проблем со воспоставување на интернет комуникација бидејќи секое семејство не располага со ваков вид на комуникација и можностите на родителите за прифаќање и соработката од овој тип беа ограничени за повратна информација. Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот беше насочен кон поддршка, совети, смирување и охрабрување кон полесно справување со состојбата во која се наоѓаме.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост?

Како најголем предизвик со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост би го споменала сеуште ниското ниво на јавна свест за оваа категорија на граѓани и нивното прифаќање почитувајќи ја различноста. Иако има одредено подобрување во намалување на предрасудите кон лицата со попреченост, за жал сеуште постои висок степен на предрасуди во нашето општество. Потребни се континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и можностите на лицата, како на национално така и на локално ниво.

Како да се подобрат можностите за повисок квалитет на живот на засегнатите лица?

Решение е да се поттикнат промени во ставовите кон лицата со овој вид на попреченост и да се отстранат бариерите за нивно целосно вклучување во сите аспекти во животот. Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попречености и нејзиното ратификување од нашата држава е клучна алатка преку која треба да се имплементираат многу права во законска процедура. Искуството покажува дека во земјите каде има имплементирано закони кои се однесуваат на лицата со попреченост промените брзо се случуваат и таму постои поткрепа со законски можности. Најбитни права од оваа Конвенција се членот 5 и 9, односно правото на еднаквост и недискриминација и правото на пристапност.

Квалитетот на живот ќе се зголеми прво доколку се стави крај на сегрегација, односно издвојување на делови од населението врз основа на раса, вера, пол и слично и да се обезбеди соодветен стандард на живеење. Тие имаат право да живеат самостојно со поддршка и треба да се стави крај на институционалната заштита од затворен тип со поддршка на воинституционалната заштита на живеење во мали групни домови, поддршка на дневни центри како сервисни служби во местото на живеење каде ќе се работи со лицата со попреченост на стекнување на вештини за самостојно живеење, едукација, работна окупација и социјализација. На таков начин се задржува емотивната врска со семејствата и се почитува правото на избор и слобода.

Во однос на здравствената заштита особено во услови на пандемија со КОВИД-19, тие треба да го остварат правото на квалитетна грижа.

Исто така, овие лица и нивните семејства треба да се вклучени во мерките на државата за ублажување на последиците од кризата со пандемијата. Квалитетот на живот е одговорност на државата, но и индивидуална одговорност и ангажман на секој граѓанин ако сакаме еднакво општество за сите.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

About the Authors

Published in