Борбата со Ковид-19 кризата – преку будното око на медиумските работници

February 1, 2021

|

Language:Albanian

Борбата со Ковид-19 кризата – преку будното око на медиумските работници

Ситуацијата со пандемијата со коронавирусот која буквално го промени светот како и земјава, една година е следена под будното око на јавноста, благодарение на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници кои постојано известуваат од прес-конференции, болници, модуларни болници, ходници, јавни настани и разни места низ државата. Во разговор за ПИНА, неколку новинари и медиумски работници говорат за предизвиците со кои се соочуваат за време на известувањето во време на пандемија.

„Звукот од апаратот на белите дробови ќе живее многу долго со мене. Публиката само ги гледа тие слики, но јас и ги слушам “, ова е само еден од моментите кои ќе останат врежани во меморијата на младата фото-репортерка Арбнора Мемети, која цело ова пандемиско време е дел од новинарската фела која е очите и ушите на јавноста.

Таа вели дека постојат моменти од овој период на известување кои никогаш нема да ги заборави. „Можам да кажам дека доживеав многу емотивни моменти. Од клиника до погреби. Тешко, а и незгодно“, вели Мемети. Честопати, таа вели дека во вакви ситуации постојат професионални и етички дилеми.

„Имаше ситуации кога неетички е да не сликаш, и неетички е да сликаш. Еден таков момент ми беше во клиника кога пациент со неколку боци се бореше за живот а прифати да го сликам, јас заборавајќи дека сум со скафандер се обидувам да се насмеам да го поздравам со раце за да му се заблагодарам“, објаснува Мемети.

И новинарката Мирослава Бурнс од весникот „Слободен Печат“ сведочи за повеќе ситуации кои не ја оставиле рамнодушна овој период.

„Кога присуствував на погреб на наш политичар, кој почина од коронавирусот се соочив со емотивни сцени кои никого не оставаат рамнодушен. Кога разговарав со пациенти во чии семејства и по 12 членови починале од коронавирусот за неколку месеци, ја почувствував нивната загуба, болка и немоќ. Сочувствувам со трагедиите кои ги предизвика вирусот“, објаснува Бурнс.

Она што цело ова време придонело за новинарката да се чувствува безбедна е, како што вели, „комбинацијата од заштитна опрема, информираноста за тоа како се шири вирусот и намалувањето на личните средби со извори“.

Притоа, таа додава дека за време на известувањето, постојано ги следела препораките за заштита од нејзината редакција, за која вели дека особено се грижела за безбедноста, здравјето и заштитната опрема на новинарите.

Дека новинарите биле доволно заштитени, потенцира и младата Мемети, која додава дека биле во сигурни раце особено кога требало да известуваат од клиниките. Тоа пак, таа го потенцира како нов момент во нејзиниот живот и кариера.

„Бев возбудена. Можам да кажам дека и не спиев добро мислејќи како ќе слика, што ќе носам од опрема внатре. Но сето тоа се заборави во моментот кога влегов таму. Во ниту еден момент не ми беше страв и нема да ми биде за ништо се додека ја работам оваа професија. Бев посветена за да го постигнам мојата цел, а тоа беше реалноста да допре до сите граѓани. И можам да кажам дека до некаде тоа го постигнав“, објаснува Мемети.

Мачни моменти и од болниците во внатрешноста

Дописничката на „Сакам да кажам“ од Охрид, Сузана Вренцовска, исто сведочи за моментите кои и оставиле трага во нејзината меморија. Вренцовска од болничките соби во охридскиот ковид центар сведочи за пациентите кои се мачеле да земат воздух, а се соочила и со пациенти кои биле исплашени дека ќе ја изгубат битката со коронавирусот.

„Повозрасен охриѓанец кој две недели беше во болничка постела низ емоции раскажа за тешките и болни денови во борбата со вирусот. Посака само да си замине жив и здрав. Видов жена исцрпена со болки во градите која едвај проговори за да каже дека поминува низ пекол. Тешкото дишење беше погласно од нејзините зборови, но мислите и беа кај сопругот кој бил испратен на Инфективната клиника во Скопје“, објаснува Вренцовска.

Природно е да чувствувате страв кога е во прашање смртоносен вирус, вели Вренцовска, во однос на тоа какви биле нејзините чувства за време на работните активности.

„Но, кога сте на терен, кога се соочувате со страшни слики и судбини не ни помислувате на ризиците и опасностите кои можат да ви го загрозат здравјето и покрај сите мерки кои мора да се почитуваат“, потенцира таа.

Потешкотии во известувањето, како што додава таа, имала во движењето и заштитата, односно, носењето на опремата која била неопходна за на терен, додавајќи дека заштитните протоколи мора да се почитуваат за да останат здрави.

„Конкретно кога правев репортажа од самиот ковид центар во Охрид пред да влезам во Инфективното одделение во Охридската болница во делот каде се сместени тешко болните пациенти најпрво добив упатство како треба да се однесувам, по строги правила ја облеков и заштитната опрема која здравствените работници ја носат и по 12 часа. Верувајте  да се има на себе скафандер, заштитни очила, три пара ракавици, визир, две маски и два пара каљачи не е лесно“, објаснува Вренцовска.

Пристапот до болниците одложен неколку месеци по избувнувањето на пандемијата

Вренцовска за време на пандемијата досега не била спречена во известувањето, потенцирајќи дека здравствените установи во Охрид и Струга, напротив, се достапни и отворени за соработка, но и за навремени и точни информации на оваа тема.

Новинарката на „Слободен Печат“, Бурнс, дели слично мислење и вели дека ниту еднаш не била спречена да дојде до информација или да пристапи до болница или до некој лекар. Изворите пак, вели дека се претежно транспаренти.

Но, ваквото мислење не го дели и фоторепортерката Мемети која вели дека најголемата потешкотија со која се соочиле медиумските работници е ограничувањето при известувањето за пандемијата.

„Во Македонија со месеци прилозите за корона кризата беа покриени со инсерти од светот, а единственото нешто што ни беше дозволено да го следиме беа пресовите на министерот за здравство. Жално е за што доцна се сфаќа моќта која ја имаме ние медиумските работници“, посочува Мемети.

Според информациите од новинарскиот синдикат од почетокот на пандемијата биле регистрирани три прекршоци во однос на попречување на работата на новинарите при известувањето за пандемијата.

„Веројатно новинарите и медиумските работници повеќепати се соочувале со слични проблеми, но многу често тие се решаваат и на самото место“, посочуваат оттаму.

Природата на работата носи изложеност на ризици

Новинарите и медиумските работници се релативно заштитени од можност за ризик, оценуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, според информациите кои ги имаат од нивните членови.

„Сепак, природата на новинарската работа ги изложува на голем ризик. Во добар дел од медиумите со цел заштита од зараза медиумските работници работат од дома,  или пак одат во смени, а во дел од нив добиваат и заштитна опрема. Сепак, заштита од вирусот, за жал, најмногу паѓа на товар на самите новинари, нивната совест и способност да се заштитат“, велат од ССНМ.

Тие, како што посочуваат, уште од почетокот на пандемијата преземале активности како повици за обезбедување соодветни услови за работи кои ќе овозможат заштита на медиумските работници од заразување, односно почитување на мерките на МЗ.

„Исто така во неколку наврати објавивме најразлични совети и искуства од нашите партнери како Меѓународната федерација на новинари за тоа на што треба да се внимава при извршување на новинарските задачи со цел заштита на новинарите и медиумските работници. Исто така во повеќе наврати реагиравме и баравме од институциите или организациите кои организираат настани за медиуми најсериозно да се придржуваат до протоколите за организирање такви настани. Заедно со ЗНМ во преговори со Владата усогласивме правилник за организирање со низа мерки и протоколи според кој државните институции мора да се придржуваат кога организираат настани за новинари. За жал во неколку случаи имаше непочитување на овие протоколи за што остро реагиравме“, додаваат од ССНМ.

Пандемијата сериозно се одрази врз новинарите и нивното работење, децидни се пак од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кои велат дека медиумските работници се на првите борбени линии и се изложени на секакви ризици, додавајќи дека, како што може да се види и на опасноста да бидат заразени.

**„**Притисокот од јавноста врз новинарите е голем бидејќи тие споделуваат и информираат за непријатни и застрашувачки вести. Истовремено, тие се едни од хероите на ова време, бидејќи кога сè запре и кога се случуваа карантини, кога цели градови беа под полициска контрола, главен извор на информации беа токму тие. Одржувањето на прес конференции во мали и затворени простории со присуство на повеќе луѓе е недозволиво во време на пандемија“, децидни се од ЗНМ.

Заштитата на новинарите, велат дека треба да биде од медиумските куќи кои тие ги претставуваат, но и, од како што велат, давателите на информации како Владата, институциите и слично. Од Здружението велат дека во повеќе наврати излегувале со јавни укажувања за начинот на комуникација со новинарите и медиумските работници. Исто така, тие посочуваат и дека на нивно барање, МЗ организирало и бесплатен скрининг за медиумските работници.

**„**Со овој скрининг беа опфатени скоро 1000 новинари и медиумски работници а се со цел да се спречи ширење на болеста и заштита на новинарите и медиумските работници како една од најизложените професии на можноста со зараза од Ковид-19“, велат од ЗНМ.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Published in