Адриан Азири: Уметноста и културата треба да имаат поголемо влијание врз нашето општество

February 23, 2020

|

Language:Albanian

Адриан Азири: Уметноста и културата треба да имаат поголемо влијание врз нашето општество

Пишуваат: Ивана Настеска и Алберие Џемаили

„Никогаш не сум припаѓал на ниту еден клан, на ниту една политичка структура. Не дека не треба глумците да се активни во политиката, но да се занимаваат со здрава политика, а не со ниското ниво на кое што е политиката кај нас. Се сметам за бунтовник и ако има повеќе луѓе со слична енергија како мојата, влијанието на културата и уметноста ќе биде поголемо врз нашето општество“, вели актерот Адриан Азири.

Во последниве неколку години, тетовскиот актер Адриан Азири (41), е многу почесто присутен во телевизиски серии на домашните телевизии, но и низ регионот. Преку улогата на Наим во „Преспав“ достигна поголема популарност кај пошироката публика, иако не смее да се потцени и неговиот претходен багаж со одиграни над 40 театарски претстави, наградите кои ги добил, но и работата надвор од границите на земјава. Пред да ги финишира студиите на Факултетот за драмски уметности во Скопје, го добива и првиот ангажман на филм и тоа за „Прашина“ во режија на Милчо Манчевски, потоа следуваат обврски во театарот во Тетово, а сега се повеќе е присутен на ТВ-проекти во Србија и Црна Гора. Една од подрагите улоги му е ликот на Елтон во германскиот филм „Едуарт“. Малкумина знаат дека Адриан е и музички колекционер, па во неговиот стан има илјадници музички плочи, а многу од домашните музичари често и го консултираат за музиката. Од инструменти свири на хармоника, а освен англискиот јазик и јазиците од екс-југословенските простори, солидно го зборува и турскиот. Тој е посветен татко и сопруг и веќе неколку години е преселен во главниот град, Скопје.

Пошироката домашна јавност Ве запозна преку серијата „Преспав“. Ви годи ли тоа внимание?

-Популарноста на ситкомот, особено серијата „Преспав“ е многу повидлива отколку целото искуство што го имам постигнато претходно со претставите. Телевизијата е се` уште најмоќниот медиум за рекламирање на еден актер. Популарноста што ја постигнав со „Преспав“ не можев да ја постигнам со претставите.Телевизијата може секој да ја гледа, а во театар не оди секој – или не сака или не може.

Јавноста Ве препознава преку ликот на Наим. Имаат ли воопшто нешто заедничко Адриан и Наим?

-Заеднички е тикот којшто јас го развив преку ликот на Наим од првата сезона до сега, а тоа е смеењето. Тоа е дел што го давам од себе, но го развив во насока да не биде кич. Единствено е тоа што ни е заедничко со Наим.

Она што гледачите го добиваат е половина час смеа. Но, колку е напорно/смешно снимањето? Како се одвива снимањето на една епизода?

-Таа енергија којашто е зад кулисите, позади камерите е нешто ненормално. Велам ненормално, но на поизитивен начин. Има некоја чудна магија, понекогаш не може да се исконтролираме, па ни даваат пауза за да престанеме да се смееме. Ние сме како семејстввво, сите сме еднакви на сет и сите имаат еднаков третман. Тоа го наметна и самата продукција „ОХО“ и тоа е одличен пример за работа.

Вие сте сопруг татко…Како се снаоѓате во секојдневието со оглед на тоа дека актерите немаат утврдено работно време? Како се организирате околу домашните и професионалните обврски?

-Морам да напоменам дека е многу тешко да се организира човек. Сега имаме мало дете од 14 месеци и откако станав татко, поминаа две сезони на „Преспав“, а напоредно снимав и серија во Србија и Црна Гора. Особено е тешко кога дома си со мало бебе, а дополнително и сопругата работи. Но, секогаш сме наоѓале начин или помош од моите родители или пак од сестрите на мојата сопруга. Се снаоѓаме.

Работите и надвор од границите на земјава, ја снимавте „Беса“ во Белград, „Дојч кафе“ во Подгорица, филмот „Едуарт“ беше копродукција меѓу Грција, Албанија, Македонија, Германија.

Зошто се важни тие соработки?

-„Дојч кафе“ се случи во текот на снимањето на „Беса“ во Белград. Тогаш се запознав со Душан Ковачевиќ кој беше истовремено продуцент на „Дојч кафе“. Станавме многу блиски, па ме покани да гостувам во една епизодите на „Дојч кафе“. Додека пак, „Беса“ се снимаше во Белград, Улцин и Будва. За мене како актер ,соработките надвор од земјава ми се ново искуство и ме збогатуваат професионално. Иако, напоменав дека повеќе сум играл на претстави, не изостануваат ниту филмските и телевизиските проекти. Како студент на трета година на факултет имав шанса да играм и во филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски. Тоа за мене беше прво филмско искуство, а беше едно и од најпрофесионалните. Не сакам другите да ги омаловажувам, но „Прашина“ беше сериозен проект каде што играа и холивудски актери. Исто и во филмот „Едуарт“, играа доста познати актери, меѓу кои и германскиот актер Андре Хенике.

Како ја добивте улогата на Елиот во филмот „Едуарт“?

-За тој филм имаше аудиција, тука во Скопје, на која се појавив, а подоцна правеа аудиција и во тетовскиот театар, па режисерката Ангелики Антониу сакаше да ме види и таму. Ликот на Елтон за којшто се пријавив на аудицијата беше по професија слаткар, па тука решив малку покреативно да настапам за аудицијата во Тетово. Беше пеирод кога го славевме Бајрам, а мајка ми имаше направено одлични слатки. Земав неколку и отидов на кастингот во Тетово. Освен што го одглумив текстот којшто ми го дадоа за задача, јас се претставив како вистински слаткар и на крај ги послужив со колачите. Ниту режисерката, ниту другите не го очекуваа тоа, а мислам дека тоа излегување од границите дополнително ги убеди да ме земат мене за таа улога. Беа изненадени и не очекуваа да се појавам со колачите.

Живееме во мултикултурна земја, општество, но, се` уште се бориме со дискриминации, условувања со погрдни зборови, навреди, по секакви основи. Сте имале ли некогаш такво искуство?

-Од аспект на националност, секогаш сум бил поставен така што не сум им го давал на луѓето тој луксуз, да ме навредат на таква основа. Сум покажувал дека јас не сум човек којшто го заслужува тоа и дека сум нешто повеќе од тоа што го мислат. Не сум дозволил да стигнат до тоа да ме навредат. Секако, сум имал ситуации низ животот, меѓутоа, сум знаел како да реагирам во дадениот момент и нештата да се променат.

Уметноста има за задача и да лоцира општествени аномалии, да посочува проблеми, но и да даде решенија понекогаш. Ќе успее ли да се одбрани уметноста од влијанието на политичарите?

-Никогаш не сум припаѓал на ниту еден клан, на ниту една политичка структура. Не дека не треба глумците да се активни во политиката, но да се занимаваат со здрава политика, а не со ниското ниво на кое што е политиката кај нас. Се сметам за бунтовник и ако има повеќе луѓе со слична енергија како мојата енергија, влијанието на културата и уметноста ќе биде поголемо во нашето општество.

Ако бидете премиер на еден ден, што е она што прво ќе го направите?

-Би ги затворил сите театри и сите факултети за драмски уметности, особено за глума, и би направил нова комисија и начин за приемен на актери. И во сите театри нов систем за примање на актери на работно место.

Потребна е нова систематизација во овој дел?

-Според мене, да. Живееме во држава кадешто корупцијата е најистакнатиот феномен.

За крај, неколку блиц-прашања: Што Ве прави среќен?

Ме направија среќен некои од прашањава, бидејќи се искажав малку повеќе.

Што Ве вади од такт?

-Неправда.

Користите социјални мрежи за комуникација или за промоција?

-Ниту за комуникација, ниту за промоција. Ги користам за да „тепам“ време кога имам барем малку време слободно.

Што Ве води низ животот или некоја мисла водилка?

-Со мојата сопруга се знаеме веќе 12 години и кога одлучивме да живееме заедно се преселивме во Скопје. Па, откако во јуни месец го затворив кафулето во Тетово, многу поретко одам таму, но бидејќи сум од Тетово, сум некако приврзан за градот. Размислувам, доколку би имал огромни звучници кои би ги поставил на сите страни низ градот. Секој вечер со одредени децибели би пуштал музика, којашто знам дека делува смирувачки. Би го правел тоа се’ додека луѓето не се исчистат од негативната енергија. Ова го зборувам, бидејќи јас сум колекционер на музика и многу добро го знам влијанието на добрата музика.

Која музика најмногу ја слушате? Кои музичари се безвременски?

-Генерално, џез и блуз, а од нив потекнуваат многу елементи како џез фјужн, алтернативен рок, алтернативен џез итн. Индивидуален е вкусот за музика, но јас го почитувам многу контрабасистот Рено Гарсија-Фонс, иако многумина не би можеле да го слушаат. Потоа, Ерика Стаки, па ако одиме накај источниот дел Азиза Мустафа Заде, па саксафонистот Јан Гарбарек и многу други.

Дали сте непоправлив оптимист или реален песимист?

-Ќе одговорам со нешто трето – реален оптимист.

Фото: Продукција „ОХО“

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.