Се собираат пари за студентско организирање, но дали го има во пракса?

February 8, 2020

|

Language:Albanian

Се собираат пари за студентско организирање, но дали го има во пракса?

Иако веќе две години нема репрезентативна студентска организација, при уписот на семестар на факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, задолжителна е уплатата на име „Студентски парламент“. На сметката на Здружението на граѓани „Студенски парламент при УГД“ во 2018 година студентите уплатиле над еден милион денари. И во 2019 година студентите плаќаа на име „Студентски парламент“, но парите се уплатуваа на сметка на универзитетот. Пишуваат: Теодора Новеска и Шефкије Аласани

Во текот на уписите за оваа студиска година 2019/2020 во септември 2019 година, сите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, уплатуваа задолжителни 150 денари за „Студентски парламент“ и правобранител. При тоа никој не го покрена прашањето – за кој „Студентски парламент“, кога со новиот Закон за високо образование од мај 2018 година, оваа организација веќе не е репрезентативно тело на студентите, туку студентските собранија, кои не беа формирани. Парадоксот да биде поголем, пари за „Студентски парламент“ се прибирани и во 2018 година, при уписите за студиската 2018/2019 година. Со новиот закон, студентските организации кои постоеја предходно, познати како „Студентски парламент“, организирани како здруженија на граѓани, автоматски престануваат да бидат репрезентативни тела на студентите. Тоа беше и објаснувањето што го добивме од Универзитетот. Меѓутоа, Здружението на граѓани „Студентски парламент при УГД“ се’ уште постои и има активна жиро сметка, потврдија од Централен регистар. Здружението последната завршна сметка која ја има приложено во февруари 2018, прикажува приход од 1.313.256 денари. Од тоа 1.077,407 денари, се приходи од членарина од студентите, кои плаќаа при уписите на студиската година.

„Студентскиот парламент при УГД“, на пошироката јавност и’ е познат и од полицискиот билтен. Во 2015 година, полицијата поднесе кривична пријава против тогашниот претседател, Горан Стаменков, за злоупотреба на службена положба и овластување. Стаменков беше осомничен дека студенските пари ги префрлал на свои сметки, при што ја злоупотребил студентската членарина. Дополнително, спорно со организацијата „Студентски парламент“ беше и самиот процес на плаќање членарина. Функционираше како здружение на граѓани, а членството во ваквите здруженија е доброволно, меѓутоа, не и за студентите на УГД, за кои универзитетот не дозволуваше упис на семестар без плаќање членство во „Студентскиот парламент“. Тука се наметнува прашањето: Зошто толку долго време се дозволуваше ваква манипулација на студентите?

Студентите плаќаат за организација која не постои

Со стапување на сила, новиот закон за високо образование, овие организации не ги смета како дел од студентското организирање. Меѓутоа, „Студентски парламент при УГД“ и по усвојувањето на законот во 2018 година, продолжил да собира задолжителна членарина. Потврда добивме од Централниот регистер, каде Студентски парламент при УГД е активна организација, со активна жиро сметка. Според податоците од Централен регистар, в.д. претседател на Студентскиот парламент е Иван Крстевски, кој, како што ни потврди, се’ уште е на оваа функција. На прашањето зошто здружението се’ уште постои, Крстевски одговори дека така му е кажано од Универзитетот.

„Сметката е се’ уште активна бидејќи универзитетот така ни наложи. Следниот претседател после изборите ќе треба да го преземе претседателството. Ние веќе година и половина немаме приходи од студентите и немаме пари на сметката“, рече Крстевски, кој за сите следни прашања не’ упати кај управата на Унивезитетот. Меѓутоа, од Универзитетот тврдат поинаку. Портпаролот Кирил Барбареев вели дека парите од студентите за студиската 2018/2019, се собирани од ЗГ „Студентски парламент- УГД“, додека на сметката на универзитетот се собираат само оваа студиска година (2019/2020), иако студентските собранија, не беа формирани.

„Парите што се уплатувани оваа студиска година стојат на сметката на универзитетот, потсметка студентско организирање. Нема да се трошат се’ додека не се избере ново студентско раководство, потоа парите ним ќе им бидат на располагање“, вели професорот Кирил Барбареев.

*Принтскрин од електронските упатства за упис на студенти во студиската 2019/2020 од интернет страната на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип

Во однос на тоа зошто здружението „Студентски парламент – УГД“ се уште е активно, од Универзитетот одговорија дека тие си функционираат како посебен правен субјект и како автономна студентска организација. Протпаролот Барбареев вели дека Универзитетот нема поврзаност со нив, па според тоа, не можат да одговорат на прашања кои се однесуваат на нивното работење.

Студентите плаќаат, а ќар нема

Во ситуација кога со законот се предвидува нова форма на организација, а не „Студентски парламент“, за кој Универзитетот тврди дека лани собирал членарина од студентите, а оваа година тие пари ги собира Универзитетот, излегува дека пари за студентско организирање сепак има, но ефект студентите од парите не гледаат. Да употребиме проста математика: ако во 2018 година биле собрани над еден милион денари и уште толку годинава, за што се употребени тие над два милиони денари кога две студиски години нема студентско организирање? При тоа, „Студентскиот парламент“ половина година располагал со пари на студентите, иако законот не го признава како репрезентативна организација за студентско организирање. Парите се прибирале од двете страни, но студентите не добија ништо. Додека предходно мораа задолжително да плаќаат за членство во здружение, кое работи на база на доброволно здружување на граѓани, сега плаќаат за тело кое се’ уште не е формирано. Тоа практично значи некој што се запишал на студии минатата студиска година, а студиската програма му трае три години, бенефит од своите уплатени пари,се чини, тешко да види.

Најмасовниот студентски протест донесе нов закон, но не и студентско движење

Да потсетиме дека токму проблематичното студентско организирање го предизвика најмасновниот студентски протест, со барање на нов Закон за високо образование, каде ќе се регулира студентското движење. Година и половина по донесувањето на овој тешко извојуван закон, студентското организирање едвај мрда од место. Една од поборниците за тој закон, која го поведе студентскиот протест, Ивана Туфекџиќ, сега независна пратеничка во македонското Собрание, вели дека ваквото организирање дава надеж, бидејќи телата ќе бидат „од студентите за студентите“. „ Овој модел на студентско организирање е прилично децентрализиран и моќта ја префрла на студентите, пред се’ на факултетско ниво. Финансирањето на собранијата предвидено е да оди од средства на факултетите, што сметам дека е важно, но уредувањето на тоа прашање на кој начин е внатрешно прашање на универзитетите. Се надевам дека изборите ќе бидат фер, демократски и без притисоци со цел студентите слободно да си ги изберат своите претставници“, вели Ивана Туфегџиќ.

Од Младинскиот образовен форум (МОФ), очекуваат подобрување со создавањето на овие студентски собранија, иако законските рокови за нивно создавање се поминати. „Добро е што овие тела се во рамките на универзитетот. Позитивно е што сега ќе има финансиска контрола, додека предходно студентските претставници парите ги трошеа за лични интереси како патувања во странство, телефонски разговори и сл. Во однос на тоа што законските рокови за формирање вакви тела беа поминати, ние како МОФ реагиравме во јавноста, но немаше никакви реакции“, е ставот на Петар Барлаковски од МОФ.

На 4 декември 2019 година студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип одржаа студентски избори. Со индекси и легитимации, студентите во значаен број излегоа да ги остварат студентските права и да ги изберат своите претставници за факултетските студентски собранија. Според она што го видовме, очекувањата од овие собранија се големи. Студентите се категорични, очекуваат поголеми права, организирање настани и активности корисни за студентите и поголемо учество на студентите во донесувањето на одлуките поврзани со нив. „Се надевам дека ќе работат на подобрување на културно-друштвениот живот, ќе работат повеќе на зближување со професорите, ќе организираат конференции и конгреси. Битно е што ќе им овозможат на студентите да учествуваат во донесување на одлуките поврзани со нив, во кои до сега не биле вклучени“, смета Елена Мечкароска, студент на медицина.

Мониторинг на изборите врши Националниот совет на млади (НМСМ). Процесите ги следат од одлуката за донесување избори, нивното создавање и организација, па се’ до воспоставувањето на нивната работа со статути, правилници и сл.

Ова беа први избори по донесувањето на новиот закон. Законот предвидува понатамошна процедура која ќе потрае. Транзицијата кон новото студентско организирање ќе биде тест и за универзитетот, но и за студентите.

Новиот закон за високо образование предвидува изборите на факултетите да ги распишат деканите и да формираат комисија од двајца професори и тројца студенти кои ќе го следат процесот на формирање на факултетското собрание, кое ги претставува студентите. Факултетското собрание треба да се избере на секој факултет и ќе брои 10 студенти. Откако собранието ќе се конституира, членовите на конститутивна седница ќе изберат претседател и ќе именуваат по двајца членови за Универзитетското собрание, еден или двајца членови за наставно-научните совети на факултетите и еден член во Одброт за соработка и доверба на јавноста. Откако факултетските собранија ќе формираат Универзитетско собрание, тоа на конститутивна седница ќе избере претседател и ќе именува соодветни претставници во телата на Универзитетот.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.