Дел од самохраните родители – без финансиска поддршка наменета за еднородителските семејства

February 1, 2021

|

Language:Albanian

Дел од самохраните родители – без финансиска поддршка наменета за еднородителските семејства

Само до граѓанската организација ,,Една може“ пристигнале над 50 пријави по овој основ, од самохрани родители кои се жалат дека биле одбиени за еднократна помош наменета за еднородителски семејства, иако ги исполниле условите. Од Владата тврдат дека најголем дел од оние што не добиле помош, не поднеле барање со документација до Центрите за социјална работа,  што е основа по која се прави листа според која се исплаќаат, а е законска обврска.

1.175  самохрани родители досега добиле финансиска поддршка од 6.000 денари, која е дел од еднократната помош во рамки на владините мерки од економскиот пакет на помош на ранливите категории на граѓани во време на КОВИД 19.

Според информациите од Владата, одбиени за ваков тип помош по поднесен приговор се вкупно 3.196 самохрани родители.

,,Најголем дел од одбиените се поклопуваат со веќе искористена финансиска поддршка од третиот сет мерки како активни баратели на работа или како вработени со примања до 15.000 денари“, велат оттаму.

Според нив, најголем дел од оние што не добиле помош, не поднеле барање со документација до Центрите за социјална работа,  што е основа по која се прави листа според која се исплаќаат.

Претседателката на организацијата ,,Една може“, Дороти Пачкова за ПИНА пак вели дека тие собрале потписи од родителите и испратиле жалба до Владата за овие случаи, но од Владата одрекуваат дека добиле ваков документ.

„Ние до Владата испративме жалба односно поднесок од над педесет самохрани родители кои влегоа во малата потполна група на самохрани родители кои би требало да ја исполнат мерката. За жал беа одбиени без никакво образложение, па ние баравме да ни биде образложено по кој основ се одбиени, но не добивме никаков одговор.  Значи имаме родители коишто ги исполнуваат условите но, се одбиени и тие кои го пријавија тоа кај нас ја потпишаа жалбата, со цел да им биде усвоено барањето кое во пракса би требало да се спроведува онака како што е поставено теоретски“, објаснува Пачкова.

Од Владата пак велат дека до нив нема пристигнато такво писмо од НВО секторот.

,,Независно од тоа, Генералниот секретаријат на Владата, како надлежен за спроведување на антикризните мерки,  најтемелно го разгледува секој поединечен случај“, велат оттаму.

Еднократната помош – недоволна

Пачкова од организацијата ,,Една може“ вели дека еднократната помош не е доволна за родителите кои сами се грижат за своите деца. Според неа, мерката е еднократна и доволна да се покријат трошоците само за еден месец, а пандемијата трае веќе цела година.

„Краткорочна и минимална беше помошта, а клучно беше тоа што аплицирањето за мерката траеше доста кратко, односно траеше само пет дена. Во тоа време беше потребно да се достават изводи од родителот и од детето како и докази за самохраност, изводи од матична книга на родени и тие документи имаат рок за доставување десет дена. Самото ова оневозможи многу голем број од оние родители кои аплицираа да не можат да ја остварат мерката“, додава таа.

Според неа, потребно е и дефинирањето на статусот „самохран родител“. Токму тоа, вели, е и причината поради која некои од родителите немале пристап до мерката за економска поддршка.

„Апсолутно се потребни законски измени, затоа и од почетокот на нашето постоење како здружение, а претходно и како движење во остварување на правата на самохраните родители ние се залагаме за дефинирање на статусот на самохраните родители, поради тоа што официјална дефиниција нема – заклучува Пачкова.

Според неа, разведените родители немаат пристап до оваа мерка, исто како што немаат право да аплицираат и еднородителските семејства со изчезнат родител, со родител кој отслужува затворка казна, родител кој е во психијатриска установа или каква било државна установа, родител кој си заминал од земјава и не поднесува никаква одговорност за своите деца, родител кој никогаш не платил алиментација на пример.

Од Владата велат дека висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу до пет члена во домаќинството. ,,Основицата на правото на гарантирана минимална помош изнесува 4.000 денари месечно и се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.

Висината на правото се зголемува согласно еквивалентната скала за коефициент од 0,5 за самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител до започнување на основното образование на детето, но најдоцна до седум годишна возраст на детето, а заклучно до третото дете.

За лицата/домаќинствата во ризик поради материјална  необезбедност и користат   гарантирана минимална помош, добиваат и надоместок од 1.000 денари  месечно во текот на шесте  зимски месеци за покривање на трошоците за греење“, велат оттаму.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Published in